Грчкото МНР му одговори на Мицкоски за „нерешеното македонско прашање“

Грчкото Министерство за надворешни работи во официјално соопштение утрово ги осудува изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дадени во Њу Џерси, Соединетите Американски Држави, каде тој го опиша македонското прашање како „нерешено“ и „постоечко“.

Атина нагласува дека оваа позиција претставува провокација и обид да се размрда прашање кое е дефинитивно и неотповикливо решено со Договорот од Преспа.

„Премиерот на Северна Македонија во своите изјави во Њу Џерси, САД избра да зборува за „нерешеното“ и „постоечкото“ македонско прашање. Овој факт е предизвик за Грција, обидувајќи се да го врати на преден план едно прашање што е решено, како што знаеме, дефинитивно и неотповикливо“, стои во соопштението на грчкото МНР.

Грција потсетува дека „натамошниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот курс на нејзиниот сосед претпоставува целосно почитување на Договорот од Преспа и, се разбира, воздржување од искупувачки декларации и барања на сметка на соседните земји“.

Мицкоски вчера во Њу Џерси во својата беседа пред македонските иселеници нагласи дека борбата д0ма е борба која ќе ја води владата, борба за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија и ова го прави веќе 7 месеци и таа борба ќе продолжи и без запирање.

„Но таа борба за еден од нај малубројните народи во Европа, не е доволна. Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои, нагласи во својот говор Мицкоски поради кој денеска реагираше грчкото МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот