Грчките земјоделци продолжуваат со блокадите: „Богородица“ и „Меџитлија“ ќе бидат затворени во делови од денот
Грчките земјоделци и денеска ќе продолжат со блокадите на граничните премини, каде што тракторите им се паркирани веќе денови наназад. Премините „Евзони“ (Богородица) и „Ники“ (Меџитлија) кон Македонија повторно ќе бидат затворени во повеќечасовни интервали, при што ќе биде запрен целиот сообраќај, освен камионите што превезуваат грчка стока.
Препорачано
На „Евзони“ се очекува прекин на сообраќајот од 12 до 16 часот и повторно од 18 до 22 часот по локално време. На Ники, според грчките извори, затворањето ќе трае четири часа, почнувајќи од 11 часот.
Слични земјоделски блокови се поставени и на премините кон Бугарија и Турција, иако дел од блокадите се однесуваат само на камиони. Во моментов низ цела Грција има повеќе од 60 блокови, бројка што се зголемува од 30 ноември наваму.
Земјоделците почнаа постепено да ги повлекуваат своите трактори од трговското пристаниште Волос во средата, ублажувајќи ги големите демонстрации кои го блокираа пристапот до објектот неколку часа, објави „Катимерини“.
Клучниот блок е во централна Грција кај Никеа, близу Лариса, на автопатот Солун–Атина, каде што возилата се пренасочуваат по споредни патишта. Комитетот задолжен за координација на протестите најави нов состанок во сабота, кога ќе се одлучува за следните чекори.
За утре е најавен и протест на земјоделците од северна Грција со симболично затворање на пристаништето во Солун.
Протестите траат од 30 ноември, поттикнати од високите производствени трошоци, ниските откупни цени и скандалот со европските субвенции.
Главното барање на земјоделците е исплата на заостанатите субвенции. Блокади има на бројни автопати и локални патишта, што значително го отежнува сообраќајот во земјата.


