Грчките земјоделци пак протестираат, тргнаа кон Атина да ги паркираат тракторите пред парламентот
Земјоделци од цела Грција денеска попладне ќе се соберат во центарот на Атина, по повик на националниот координациски комитет за блокади на патиштата, планирајќи протест на плоштадот Синтагма, при што десетици трактори ќе бидат паркирани пред парламентот, објави „Катимерини“.
Препорачано
Организаторите најавија дека земјоделците ќе почнат да пристигнуваат во Атина околу 15 часот, а главниот протест е закажан за 16 часот. Демонстрантите планираат да преноќат во главниот град и да заминат во сабота напладне.
Синдикатите, кои претходно во петокот закажаа посебен протест на истата локација против владин предлог-закон за колективни договори за работни односи, соопштија дека ќе останат на местото на настанот за да изразат поддршка на земјоделците.
Надлежните најавија сообраќајни мерки низ центарот на Атина и на главните автопати во поширокиот регион Атика поради колоните трактори. Полицијата информираше дека ограничувањата ќе се воведуваат постепено, во зависност од состојбата на терен, и ги повика возачите да ги следат упатствата на сообраќајната полиција.
Се очекува значителен метеж на клучните влезни правци кон главниот град, меѓу кои автопатите Атина–Коринт и Атина–Ламија, како и на булеварот Атинон за време на пристигнувањето на тракторите.
Нарушувања во сообраќајот се најавени и на главните централни улици, вклучувајќи ги Стадиу, Панепистимиу и Акадимијас, како и авениите Амалиас и Василисис Софијас.
Земјоделците велат дека нивните клучни барања остануваат непроменети: намалување на трошоците за производство, гарантирани откупни цени за земјоделските производи, измени во прописите што го регулираат државниот осигурителен систем ЕЛГА и целосно обештетување за штетите врз посевите.
Тие тврдат дека овие прашања биле отворени, но не и решени на неодамнешните средби со премиерот Киријакос Мицотакис, поради што продолжуваат со протестите.
Газдите во Грција ќе плаќаат 2.000 евра казна ако не си ги чистат имотите


