Граѓаните нетрпеливи да ги симнат од грб натрупаните камати
Отписот на каматите е единствената мерка од Петтиот економски пакет, кој беше донесен уште во февруари годинава и е директно насочен кон граѓаните.
Масовна операција на прибирање податоци и координација меѓу институциите спроведува Министерството за правда, а крајниот резултат ќе биде преточен во законско решение кое ќе овозможи отпис на долговите кон јавните претпријатија. Сепак, граѓаните веќе пет месеци го чекаат овој закон, бидејќи каматите се трупаат, а извршителите имаат полни раце работа. Отписот на каматите е единствената мерка од Петтиот економски пакет, кој беше донесен уште во февруари годинава и е директно насочен кон граѓаните.
– Ова решение треба да биде резултат на меѓусебна соработка на повеќе министерства, многубројни институции и органи. Министерството за правда започна со процес на координација и работни средби со засегнатите страни, со цел да се дефинира мерката. Може да се очекува дека набрзо истиот ќе се процесира во предлог-законот влезе во владина процедура – одговорија за „Слободен печат“ од Министерството за правда.
Отписот на каматите е единствената мерка од Петтиот антикризен пакет, за која е потребно да се донесе закон. Според најавите, треба да се отпишуваат каматите на долговите на граѓаните направени до ноември 2020 година, со обврска за плаќање на главниот долг. Државните функционери, неколкупати потенцираа дека ќе има јавен повик на кој заинтересираните граѓани ќе може да се пријавуваат пет месеци.
– Даваме можност на секој граѓанин да добие отпис на камати, ако претходно направи репрограмирање за отплата на основниот долг на 12 месеци. Тоа значи дека репрограмирањето мора да го докаже и да почне да го отплаќа. Механизмот ќе биде дека сметководствено ќе му бидат отпишани каматите, но ако после првиот месец не продолжи со исполнување на договорните услови, ќе почнат затезните камати да течат како што течеле претходно – изјави во една пригода вицепремиерот Фатмир Битиќи, со уверение дека има механизми за да се спречат можните злоупотреби од граѓаните.
Што ќе содржи новиот закон не се открива, но се знае дека обврска да отпишуваат камати ќе имаат само државните и општинските претпријатија, а до приватните се упатуваат суптилни препораки да се вклучат во операцијата. За разлика од претходните вакви акции, сега ќе има поголем опфат на граѓаните, кои ќе можат да побараат отпис на каматите. Сепак, тогаш се пријавуваа сите што имаа долгови до одреден период и со стариот закон, отписот важеше само за граѓаните чии долгови се дадени на извршување и се направени заклучно со 31 декември 2017 година. Не се знае дали со новото законско решение ќе се дозволи репрограм на долгот на 12 рати, а за потсетување, претходно можеше главниот долг во зависност од висината да се плаќа од шест до 48 месечни рати. Владата препорача отпис и репрограм да спроведат и ЕВН, БЕГ, телеком-операторите, адвокатски друштва и други. Минатогодишниот Закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, се применуваше три месеци, од 19 февруари до 18 мај 2020 година.
Граѓаните и синдикатите, навиваат, законот да се донесе во најбрз можен рок, се со цел да се избегнат извршителите и блокираните сметки. Во најновиот извештај, Народниот правобранител, во посебен дел, се осврнува на правата на потрошувачите во секојдневното користење на јавни услуги од компаниите, јавните претпријатија и разни мобилни оператори. Според податоците, постапено е по 218 претставки од оваа област.
Најпроблематични ќе бидат старите сметки за струја
Проценка е дека отписот треба да опфати најмалку 180 илјади граѓани, но упатените во оваа проблематика, се најскептични за тоа како и дали ќе се решат старите сметки за струја, од кои некои датираат и пред 2000 година.
– ЕВН Македонија, како што беше случајот и во неколкуте претходни иницијативи поврзани со оваа проблематика, се залага за комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови. Во тој поглед сметаме дека делумен отпис на побарувања, односно само на каматите на дел од побарувањата, нема значително да придонесе кон решавањето на проблемот со заостанатите долгови на корисниците. Доколку има официјална одлука, ќе ја разгледаме и ќе размислиме – рекоа неодамна за „Слободен печат“ од ЕВН Македонија.