Граѓаните не сакаат облакодери во Јурија, ќе блокираат улици ако не се смени ДУП

Од Општина Ѓорче Петров објаснуваат дека сите згради што се предвидени во ДУП С3 24 нема да бидат високи по 17 ката, поточно дека максимално дозволената бруто развиена површина за градење условува дека со П+17 може да биде изведен само мал дел од површината.

Населбата Jурија во Дексион, со ДУП С3 24, кој неодамна го усвои Советот на Општина Ѓорче Петров, ќе се претвори во бетонска џунгла доколку се изградат згради со 17 ката, високи по 58 метри, обвинуваат граѓаните по социјалните мрежи. Според нив, со тоа комплетно ќе се измени демографската слика на тој дел од Ѓорче Петров, ќе се наруши комодитетот на живеење и ќе создаде огромен проблем со новите возила и потребите за живеење на тие жители, како што се градинки и училишта. Покрај тоа, тие стравуваат дека со изградбата ќе запре струењето на воздухот и ќе се зголеми загадувањето.

Жителите од Ѓорче Петров обвинуваат и дека планот е донесен без почитување процедури, без спроведување јавна презентација и јавна анкета, а преку фејсбук-групата „Ѓорче Петров“ информираа дека е формирана Иницијатива на граѓани од Дексион, кои бараат ревидирање на овој ДУП заради инкорпорирање на начелата за хумано живеење. Доколку нивните барања не се исполнат, тие најавуваат дека ќе ја блокираат улицата „Ѓорчепетровска“.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека се почитувани сите процедури во постапката на донесување на ДУП С3 24, во согласност со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Спроведени биле две јавни анкети, првата во периодот од 12.7.2019 до 25.7.2019, а втората во периодот од 18.9.2019 до 24.9.2019. Соопштенијата за јавните анкети, како што објаснуваат, биле објавени во два дневни весници, но и на општинската веб-страница на Општина Ѓорче Петров, каде сѐ уште може да се видат.

Оттаму посочуваат дека во однос на констатацијата дека се работи за „габаритен објект од 17 ката“, максимално дозволените нумерички параметри за градежната парцела не дозволуваат изградба на целата површина за градење со оваа височина.

– Зададена е височина од П до П+17 (од приземје до приземје и 17 нивоа), при што максимално дозволената бруто развиена површина за градење условува дека со П+17 може да биде изведен само мал дел од површината. Всушност, ова е планска одредба со која ќе се условат архитектите да изнајдат посмели архитектонски решенија за градбите, со разиграни и денивелирани површини и волумени, односно намерата е да се побегне од стерилните архитектонски решенија, кои беа вообичаени во изминатиот 10-годишен период, кога се реализираа „ѕидови“ во должина на улиците – велат од Општината.

Од Ѓорче Петров тврдат дека во просторот значаен дел е одделен за зеленило и дека е планиран и јавен парк на површина од 4.257 метри квадратни, во зона надвор од градежни парцели.

– Дополнително, зададен е услов за реализација на градбите, според кој мора да се обезбеди најмалку 20 отсто површина под зеленило во рамките на градежните парцели. Овие 20 отсто претставуваат 6106 метри квадратни на ниво на плански опфат. Оттука, со планот е предвидено најмалку  10.363m² од површината да биде под зеленило (4.257+6.106), што претставува 27отсто од површината на блокот СЗ 24.03 – во рамките на регулационата линија како што е дефинирана со планот од повисоко ниво РПЧ СЗ 24 – објаснуваат од Општината.

Планот предвидува и инфраструктура за опслужување на градбите, а која се надоврзува на постојната и планираната со плановите од повисоко ниво: ГУП на Град Скопје и РПЧ СЗ 24. Притоа се обезбедени позитивни мислења од сите надлежни комунални претпријатија.

– Негативните демографски трендови од изминативе 20-ина години во Општина Ѓорче Петров условиле постојните училишта да функционираат  далеку под предвидениот капацитет. Трите постојни основни училишта во непосредната околина можат без проблем да ги примат учениците од новото население во овој локалитет, што е среднорочно решение – тврдат од Општината и додаваат дека во самиот план реализацијата на една од градежните парцели е условена со изградба и на детска градинка во дел од градбата, на минимална површина од 1.483 метри квадратни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот