Градот Дерна „мириса на смрт“, опасност од ширење колера во Либија

Поплави во Либија / Фото EPA-EFE

По катастрофалните поплави во источна Либија, градот Дерна „мириса на смрт“. Хуманитарните организации го вклучија алармот, предупредуваат за голем ризик од ширење на болести. Меѓународните хуманитарни работници зборуваат за „катастрофална хуманитарна ситуација“ и хаотични услови во уништениот град Дерна на истокот на северноафриканската земја.

„Итно е потребна координација на помошта“, објави организацијата Лекари без граници во петокот вечерта, чиј тим за итна помош е на лице место од четвртокот. На преживеаните сега итно им требаат сместувалишта, храна и основна медицинска нега поради загриженоста за појава на колера и недостаток на чиста вода, изјави координаторот за вонредни состојби на ОН, Мартин Грифитс во Женева.

Илјадници луѓе немаат каде да спијат , гладни се, истоштени, немаат чиста вода ниту храна, изјави  Салах Абулгасем од Исламската помош.

„Во услови како овие, болестите можат брзо да се шират, бидејќи системите за снабдување со вода се контаминирани. Градот Дерна мириса на смрт“, вели тој.

Според весникот „Араб њуз“, Министерството за здравство во либиската престолнина Триполи на западот на земјата предупреди дека во Дерна има подземни води кои се загадени со човечки трупови, трупови на животни, ѓубре и хемиски супстанци.

„Ги повикуваме луѓето да не одат во близина на бунарите во Дерна“, апелирал министерот за здравство Ибрахим Ал Араби, цитиран од агенциите.

Во Дерна повеќе деца веќе се разболеле од загадена вода, изјави шефот на Националниот центар за контрола на болести за новинската страница Ал-Васат во петокот. 55-те деца потекнуваат од семејства кои беа раселени од разорните поплави.

Поплави во Либија / Фото EPA-EFE

Недостига договор, изјави раководителот за операции во Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Потребна е сриозна помош од меѓународни организации и локални власти кои работат во Либија“, изјави портпаролот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Либија, Башир Омар за новинската агенција ДПА.

Либија е практично поделена меѓу две непријателски влади  со седишта на запад и на исток од земјата. Двата табора даваат понекогаш контрадикторни информации за ситуацијата со катастрофата. Ривалството го отежнува координирањето на напорите за помош. Сепак, има и испорака на помош од западниот дел на земјата: авион со медицинска опрема и храна полета од главниот град Триполи во петокот.

Во меѓувреме со сите расположливи сили и капацитети продолжува и потрагата по жртви под урнатините, на брегот и во морето. Спасувањето беше забрзано со доаѓањето на меѓународните помошници, изјави член на воено-медицинскиот конвој во Дерна, Хишам ал-Малти.  Телата брзо се распаѓаат, а бидејќи починатите брзо се закопуваат, идентификацијата на жртвите е занемарена, што го отежнува доаѓањето до убедлив и сигурен биланс на жртви. Сè уште има контрадикторни информации за бројот на загинати. Се стравува дека има  до 20.000 мртви во тешко погодената Дерна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот