Градоначалникот на Струмица побарал две кучиња да бидат заловени, а активистката што се бунела и снимала ја осудија за кривично дело

Активистката за заштита на правата на животните Љубица Гунчева од Струмица доби условна казна за кривичното дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ затоа што на двајца заловувачи им се обратила додека заловувале две кучиња по пријава од градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов. Според пресудата до која дојде „Слободен печат“, градоначалникот пријавил во јавното претпријатие „Лана“ дека на улица има кучиња кои треба да се заловат, па заловувачите веднаш се упатиле на терен. Но, кога заловувачите Џоко Иванов и Дејан Ристов стигнале таму и почнале да заловуваат едно бело и едно црно куче, се појавила активистката Љубица Гунчева и му се обратила на Иванов со зборовите: „Остави го кучето, така ли се прави тоа“. Според нејзината одбрана, тоа е единственото нешто што го направила жената, односно немала физички контакт со заловувачот. Меѓутоа, му се заканила дека ќе го снима заловувањето со мобилен телефон и дека снимката ќе ја објави на социјалните мрежи. Судот пресудил дека таа „го турнала оштетениот Џоко кој во тој момент бил каснат од кучето и се здобил со телесна повреда“. Но, Гунчева тврдела дека немала никаков физички контакт со заловувачот и тврдела дека тоа може да се види од снимките на камерите.

Судот не го прифатил ова тврдење на активистката Гунчева и пресудил дека „поради нејзината реакција таа му го привлекла вниманието на заловувачот, тој се свртел кон неа и во тој момент кучето се вознемирило и го каснало него“.

Исто така, тврдењата на одбраната дека овластените лица не биле облечени во соодветна облека, возилото што го возеле немало службени ознаки, стационарот „Лана“ немал добиено решение од Агенцијата за храна и ветеринарство и кучето што било заловувано не било агресивно, не биле прифатени.

Инаку, во судница бил викнат и струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кој објаснил дека често добивал поплаки од граѓаните на Струмица кои биле вознемирувани од кучињата, па лично пријавил во стационарот „Лана“. Неговото сведочење стана повод деновиве во Струмица да бидат лепени плакати „Струмичанки се проблематични, ама градоначалникот е маж за пример“.

Фото: Фејсбук профил на здружението за заштита на животни Animal Lovers Струмица

Гунчева е осудена условно. Ако наредната година изврши ново кривично дело, ќе треба да оди в затвор три месеци. Таа е ангажирана во здружението за заштита на животните „Анимал Лаверс“ од Струмица кое од почетокот на оваа недела е на протест пред зградата на Општина Струмица поради огромно незадоволство од функционирањето на стационарот за кучиња „Лана“.

Фото: Фејсбук профил на здружението за заштита на животни Animal Lovers Струмица

На протестот беа упатени обвинувања дека во ЈП Лана се случува убивање.

– Во изминатите недели стигнавме до цврсти докази како ги убивате кучињата, каде ги фрлате едно врз друго и ги потурате со солна киселина! Како келнерот кој го вработивте како ветеринар и лицата кои оперираат, а кои немаат право да го прават истото се изживуваат врз кучињата кои легнуваат на хирушката маса! Добивме шокантни изјави од вработени во прифатилиштето, како има црева насекаде додека кучињата се мачат и умираат во агонија, како после операција умираат по неколку часа поради нестручноста, изживувањето и нестерилното работење на келнерот вработен како ветеринар и којзнае колку други лица кои се учат да прават операции на кучињата и ги користат како експериментални глувчиња! Полните дупка со убиени кучиња, која ја користите незаконски! Без дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство и без соодветна документација! Не знам ни дали сте свесни самите колку кучиња имате убиено од различни општини, рече еден од присутните на протестот. 
Активистите побараа ЈП Лана да го раскине договорот за работа со ветеринарите, а директорката да си даде оставка. Велат дека кучињата наместо да се заловат, стерилизираат и вратат на улица, се убиваат.

 

– Бараме отпуштање и замена на дел од вработените во стационарот и вработување луѓе кои се хумани, неподложни на корупција и докажани активисти. Бараме да прекине самоволното заловување на веќе стерилизирани, третирани и обележани кучиња, забрана за заловување на малите кутриња во ЈП Лана, кои никако не можат да бидат стерилизирани и не се предмет на програмата. Посочуваме дека носејќи ги во стационарот, 90 проценти од заловените мали кучиња умираат од изгладнетост, епидемии, негрижа, смрзнување, умираат во агонија и бавна смрт, велат оттаму.

Фото: Фејсбук профил на здружението за заштита на животните Animal Lovers Струмица
Здружението „Анимал Лаверз“ од Струмица побара Агенцијата за храна и ветеринарство да одговори на сите нивни пријави и да изрече казни за институционалните и индивидуалните прекршувања на Законот за заштита на благосостојбата на животните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот