Градежен отпад фрла кој каде стигне, ни беспари не го носи на рециклирање
Јас ги пуштам да го одложат отпадот кај мене дури и без да платат, само да не го фрлаат во река. Но, дури и така не сакаат да го донесат туку го фрлаат кај им е најблиску, велат од „Беса шоп“, единствената приватна депонија за одложување градежен отпад, која се занимава и со негово третирање.
Ниту граѓаните ниту градежните компании не покажуваат општествена одговорност кога го фрлаат градежниот отпад. На многу места низ државата се прават диви депонии, иако има легални, па дури и една приватна компанија што прима таков отпад за да го рециклира.
Препорачано
Од Министерството за животна средина велат дека годишно ваков отпад има 1 милион тон, но дека тоа е само пријавената бројка, а колкава е количината што реално се фрла, „може само да се замисли“.
– Тој што создава отпад е должен да го однесе некаде каде што може да биде третиран. Кај нас има една приватна фирма каде што градежниот отпад може да биде третиран, но не ја добива соодветната количина, затоа што никој не сака да плати. Дел од градежниците што создаваат отпад го носат во Скопје во Дрисла, или во другите градови каде што има депонии и тоа се всушност пријавените количини. Според регулативата, секоја општина треба да си одреди локација за тоа. Може да биде и приватна фирма или јавно-приватно партнерство. Тоа го предвидува Законот за управување со отпад. Не, некои општини имаат места за градежен отпад, некои немаат – изјави Ана Каранфилова Мазневска, раководителка на секторот за отпад во Министерството за животна средина.
„Слободен печат“ разговараше и со сопственикот на единствената приватна депонија за третирање на градежен отпад во Македонија – „Беса шоп“, лоцирана во индустриската зона „Боговиње“ на автопатот Тетово – Гостивар. Но тој вели дека кај нас, за жал, ниту свеста ниту културата е развиена на ниво да бидеме одговорни кон својата животна средина.
– Многу малку реално собирам градежен отпад. Со градежништво се занимаваме веќе четврта генерација. Оваа компанија ја имам 25 години. Кога видов во Европа како се работи, како беспрекорно функционира, посакав тоа и тука да го имплементирам. Но, нема поддршка ни од власта. За жал, има премногу партизирање, но јас сакам да водам бизнис, а не политика. Тој што го фрла отпадот, јасно е дека треба да плати. Јас ги пуштам да го одложат отпадот кај мене дури и без да платат, само да не го фрлаат во река. Но, дури и така не сакаат да го донесат кај мене, туку кај им е најблиску, таму го фрлаат. Јас колку за тест, ѝ велам на една фирма што работеше во близина на Врапчиште, кога дојде да го фрли бетонот, дека треба да плати. А тие ми одговорија: Ако е за пари, ќе си најдеме решение каде да фрлиме“. Тогаш им кажав, добро тоа што сега сте го донеле, фрлете го бесплатно, а јас ќе ви дадам потврда дека сте го одложиле отпадот во легална депонија. Но, тие го фрлија отпадот и избегаа дури и без документот! – раскажува за „Слободен печат“ Фатмир Абази, сопственик на „Беса шоп“.
Тој вели дека градежниот отпад може да биде одличен за преработка и повторна употреба, а има многу широка употреба. Како градежници, тие секогаш тоа го прават.
Имавме можност да видиме како функционира одлагањето градежен отпад во приватна депонија во Грција. Таму ја посетивме компанијата за рециклирање кабаст и градежен отпад „Анакему“ во Солун. Во компанијата ни кажаа дека во цела Грција собираат 15 милиони тони ваков отпад.
– Овде доаѓаат и оние што си го фрлаат мебелот и душеци, и оние што фрлаат отпад од градежништво. Сè посебно разделуваме и од сè потоа нешто може да се направи. Текстилот може да се исечка и да се согорува во цементарница, некаде може да се користи кршен асфалт… Во првите седум години кога почнавме да работиме ни беше тешко. Но, потоа работите тргнаа. Според законската регулатива и правилниците си има ценовник и во зависност од видот и од големината на отпадот наплаќаме. Кај нас отпадот станува дел од циркуларната економија, а мотивот да се донесе тука е затоа што е поевтино отколку на класична депонија – ни објаснија во компанијата.
Со градежната инвазија во Македонија се засили и создавањето отпад. Се уриваат стари куќи за да се градат на нивно место згради, се отстранува асфалт при реновирање патишта. Целиот тој отпад некаде треба да се складира или да продолжи да живее во друга форма. Секако, тука е и отпадот од реновирање на сопствените домови, често оставен пред контејнерите. На сцена стапуваат надлежните инспектори, но градежната инвазија е чекор пред нив.


