Град во Масачусетс ја забрани продажбата на цигари на сите кои се родени во 21 век

Продавница цигари / Фото: Serge Tenani / AFP / Profimedia

Градот Бруклајн во Масачусетс ја забрани продажбата на цигари, тутун и тутунски производи на сите луѓе родени во 21 век, пишува Еј-Би-Си. Тоа е локална регулатива која може да послужи како модел за другите градови кои сакаат нивните жители помалку да пушат цигари.

Бруклајн е првиот град во САД што донесе ваква уредба уште во 2020 година, а минатата недела беше потврдена од највисокиот суд на Масачусетс, отворајќи ја можноста за други градови да воведат слични забрани.

Правилото, кое забранува продажба на тутун на сите родени на или по 1 јануари 2000 година, стапи на сила во 2021 година. Според законот на Масачусетс, потпишан од поранешниот републикански гувернер Чарли Бејкер во 2018 година, на сите помлади од 21 година веќе им е забрането да купуваат производи со тутун. Ова се однесува на цигарите, пурите, но и електронските цигари.

Поддржувачите на забраната велат дека државниот закон го признава овластувањето на локалните заедници да донесуваат сопствени мерки за ограничување на продажбата на штетни производи.

Критичарите на уредбата на Бруклајн, вклучително и сопствениците на продавници кои заработуваат значителен дел од својот приход од продажба на тутунски производи, не се согласуваат со забраната.

Тие тврдат дека предложената регулатива е во спротивност со државниот закон од 2018 година кој им дозволува на оние од 21 година и постари да купуваат тутунски производи. Тие наведуваат дека поради градската уредба некои возрасни ќе можат да купат цигари, а други не.

Против одлуката да се забрани продажбата на тутун е и Џон Херст, шеф на Здружението на трговци на мало во Масачусетс. „Тоа може да доведе до мешавина на правила, а тоа нема смисла за трговијата“, изјави тој за Еј-Би-Си.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот