Големите рабници пречка за велосипедистите/ Фото: „НаТочак“

Град Скопје ги слушна барањата на „НаТочак“: Се спуштаат високите рабници на тротоарот на улица „Никола Парапунов“

Откако пред шест години се реконструираше улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4, кога се обнови коловозот по целата должина на улицата од околу 580 метри и се обновија само оштетените делови на тротоарите, во изминатиот период се изведува целосна реконструкција на тротоарот, односно на пешачката патека на оваа сообраќајница.

Работите ги изведуваат екипи на ЈП „Улици и патишта“ по налог на Град Скопје откаде објаснуваат дека во текот на реконструкцијата бил отстранет стариот и оштетен асфалт, поставен тампонски слој, нови рабници и вградена нова асфалтна маса, а беше извршена и дополнителна изградба на мало продолжување на постоечката површина на тротоарот.

Но, токму на поставените рабници реагираа велосипедистите од „НаТочак“ посочувајќи дека рабниците кои се поставуваат и кои се под прав агол го попречуваат движењето не само на велосипедистите туку и на мајките со бебиња во количка и на граѓаните со попреченост. Поради тоа, тие веднаш реагирале до Град Скопје.

Една од ретките позитивни работи кои станаа пракса во Скопје при реконструкциите е поставувањето на слеани рабници на пешачките премини. Но, за жал при обновување на пешачка инфраструктура на ул. „Никола Парапунов“ во Карпош 4 сведоци сме на поставување нови рабници, под агол – информираа од „НаТочак“.

Поради тоа, тие на 26 февруари испратиле допис до Град Скопје и до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски со надеж, како што велат дека на време ќе ги ротираат поставените рабници и ќе внимаваат при сите моментални и идни работења на терен на патната инфраструктура низ Скопје.

Нивните забелешки биле прифатени и како што велат од ЈП „Улици и патишта“ одговарајќи на прашање на „Слободен печат“ во тек се активности за спуштање на големите рабници „согласно барањата на здружението „НаТочак“ со цел безбедно и непречено движење на велосипедистите“.

Исто така ве известуваме дека иако на поголем дел од пешачките и велопатеки на градските сообраќајници се спуштени рабниците, активностите за спуштање на рабниците на тротоарските површини ќе продолжат да се извршуваат и во наредниот период на сите наведени тротоарски површини за кои има барањата од  велосипедистите – велат од претпријатието.

Убаво е кога Град Скопје ги слуша потребите на граѓаните. Ваквите позитивни примери треба да бидат секојдневие во Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот