Готвење без мака: Соодветни замени што ќе ве спасат во последен миг

Фото: Профимедиа

Секому му се случило барем еднаш, а можеби и повеќепати, додека готви некој вкусен десерт, да сфати дека му недостасува некоја од состојките наведени во рецептот – да нема прашок за печиво, шеќер или млекото да е расипано. Нема потреба веднаш да одите во продавница, затоа што постојат соодветни замени кои ќе ве спасат и ќе ви ја олеснат работата.

Прво и најважно, не се сите замени рамномерни, односно зависи што подготвувате, па може да се случи да добиете различен вкус на десертот, особено ако се водите по некој старински рецепт. На пример, замената на јајце со банана е подобра во некои рецепти, но во некои може да ги смени вкусот и текстурата на десертот. Но, тоа нема сосема да го уништи вашиот десерт и на крај сепак ќе добиете вкусно јадење.

Јајца – тие се основата на кој било рецепт, па ако треба да ги замените, потребно ви е нешто кое ќе ги поврзе другите состојки и ќе добиете хомогена смеса. Така, за секое големо јајце можете да додадете по 3 лажици путер од кикирики, ¼ чаша незасладено пире од јаболка (варени и пасирани јаболка зачинети со лимонов сок, кора од лимон и цимет) или половина пасирана банана.

Млеко – тоа е најпроблематичниот производ поради кусиот рок на траење. Покрај тоа многу лесно може да се расипе ако не го чувате соодветно. Ако ви се случи да немате млеко додека подготвувате десерт, заменете го со јогурт или кисела павлака во сооднос 1:1. Киселото млеко исто така е соодветна замена, но прво морате да го изматите со вода за да стане потечно, слично како млекото. Во најлош случај секоја чаша млеко заменете ја со една чаша вода измешана со лажица путер. Секако дека ќе има разлика во текстурата на финалниот производ, но тоа е подобро отколку да го фрлите цел десерт.

Сода-бикарбона – таа помага да се подигне тестото во текот на печењето, па за да добиете слична реакција ако ја немате, заменете ја со кисела течност како што е лимоновиот сок. Всушност, кога ја заменувате содата, вие менувате половина од хемиската реакција што таа ја предизвикува. Исто така можете наместо сода бикарбона да додадете двојна количина прашок за печиво и да не додавате сол, доколку во рецептот е наведена како состојка.

Растително масло – без разлика дали го имате или не, можеби размислувате да го замените во сите рецепти. Има неколку добри алтернативи што се одлична замена, а нема да се почувствува никаква разлика во готовиот десерт, освен што ќе биде по здрав. Пире од јаболка е добра замена која е соодветна за кој било десерт. За секоја чаша масло додадете ¾ чаша пире од јаболка. Исто така, можете да го замените со кисело млеко во ист сооднос, кое ќе им даде прекрасен вкус на мафините или колачите. Добра идеја е да ставите половина чаша кисело млеко и половина чаша пасирано авокадо.

Путер – нема ништо повкусно од десерт со путер. Но, од друга страна, тоа го прави десертот многу калоричен што ќе се одрази на вашата линија. За среќа, ако го немате, можете да го замените со други состојки – за секои 100 г путер додадете 50 грама пире од јаболка (можете едноставно да ги ставите во микробранова да омекнат и да ги испасирате). Соодветна замена е смеса од 50:50 пире од јаболка и кисело млеко, со тоа што за 100 грама путер ќе ставите 50 грама од оваа мешавина. Исто така тие 100 грама путер можат да бидат заменети со 70 грама маслиново масло, пире од тиква или растително масло. Замена 1:1 може да направите со авокадо или кокосово масло, со што ќе добиете и по здрав десерт.

Лимонов сок – тој има незаменлив вкус, но за среќа постои соодветна замена. Најчесто се користи за активирање на состојките кои помагаат во дигање на тестото, па зависно од тоа што подготвувате можете да го замените со иста количина киселкаста течност како сок од лимета, портокал или јаболко. Или можете да изберете алкохолен оцет. Што и да изберете, ставете иста количина како сокот од лимон и на крај ќе имате успешен десерт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот