„Готен“ ја објави збирката „Раскази за љубовта“ од Михал Вивег

Издавачката куќа „Готен“ ја објави збирката „Раскази за љубовта“ од еден од најпопуларните современи чешки писатели, Михал Вивег. Преводот од чешки јазик е на Соња Стојменска-Елзесер.

Делата на Вивег се преведени на повеќе од 25 јазици, а само во Чешка неговите книги се продадени во повеќе од еден милион примероци.

Збирката раскази „Раскази за љубовта“ ги содржи главните карактеристики на прозното писмо на Вивег – одлично чувство за раскажување приказни, дозиран хумор, луцидно согледување на односите меѓу луѓето. Млади љубовници и постари љубовници, парови во брак и разведени, неженети мажи и вдовици, отворени и прикриени страсти, непредвидени емоции што се појавуваат во различни ситуации, копнежи што не се реализираат или се остваруваат на необичен начин – едноставно, љубовта во сите нејзини облици – тоа е главната тема на „Раскази за љубовта“.

Сите 16 раскази од книгата го носат печатот на авторот, кој умее своето чувство за стил и композиција да ги обедини во приказни полни со живот и умешно нијансирање на основната тема. Михал Вивег ги набљудува среќните и тажните страни на љубовта, не само со разбирање, туку и со иронична ладнокрвност. Повремената тага и меланхолијата вткаени во овие кратки прози, речиси, секогаш благовремено се натопени со хумор, па иако емоциите играат главна улога во текстовите, тие никогаш не навлегуваат во патетика.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 134, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот