Изложба на сликарот Панче Ѓорѓиев е поставена во галерија „Метаноја“

Покана за изложбата „Дрвото на животот“

Галеријата „Метаноја“, во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“, го најави отворањето на изложбата „Дрвото на животот“ на академскиот сликар Панче Ѓорѓиев во четврток, 25 април 2024 година, од 19 часот, на ул. „Максим Горки“ бр. 19 во Скопје.

За изложбата д-р Коста Милков напиша: „Од самите наслови на сликите и сценскиот приказ, јасно е дека Ѓорѓиев е одлично запознаен со библиската содржина. Самите слики сведочат дека познавањето не е само интелектуално, туку и интимно. Сликарот продрел во содржината, но и содржината продрела во него. Не само што креативно-интерпретативните изрази на уметникот ја формираат композицијата на секоја слика, туку и обратно. Избраната библиска приказна или сцена интуитивно го формирала уметникот. Низ сликите, тој ја раскажува приказната за тоа како Бог станува еден од нас и со тоа го остварува колективниот сон на луѓето велејќи им, ’Богови сте‘ (Псалм 82:6; Јован 10:34)“.

На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков и директорката на галерија „Метаноја“ м-р Нада Милкова.

Панче Ѓорѓиев завршил Педагошка академија во класата на проф. Ристо Калчевски и Данчо Ордев. Учествувал во повеќе групни изложби во Македонија и во странство, а реализирал и 12 самостојни изложби. Неговите дела се наоѓаат во повеќе приватни колекции во земјава и во странство.

Работи како професор по ликовно образование во ООУ „Маршал Тито“ во Муртино и ООУ „Борис Трајковски“ во Моноспитово. Изложбата „Дрвото на животот“ во галерија „Метаноја“ ќе трае до крајот на мај 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот