Ѓоргиев: Бугарските колеги инсистираат на едностран пристап за препораката за цар Самоил

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Не се коректни обвинувањата дека македонската страна не ги вметнува препораките за промена на учебниците, кога и во бугарските учебници не се внесени нашите, вели за Слободен печат ко-претседателот на Мешовитата комисија за историски прашања Драги Ѓоргиев, коментирајќи го интервјуто на неговиот бугарски колега Кирил Топалов, каде историчарот истакнува дека Бугарија би била „глупава ако даде зелено светло за евроинтеграциите на Македонија, а во исто време преку учебниците во Скопје продолжува да се мрази роднинската земја“.

Претходно Топалов нагласи дека пред околу две години била прифатена формулацијата дека цар Самоил е наследник на бугарската царска традиција и основач на големата бугарска држава со престолнина во денешна РС Македонија, односно Охрид и обвинува дека во македонските учебници се уште пишува дека тој е цар на Македонската држава. Од друга страна, прашан за неуспехот за изнаоѓање заеднички текст за цар Самоил, Ѓоргиев нагласи дека бугарските историчари инсистирале на едностран пристап во препораката за учебниците, која се разликува од препораката за заедничко чествување на значајни историски личности.

– Договоривме текст за заедничко чествување на цар Самоил со Бугарија на почетокот на 2019 година. Тоа е текст за заедничко чествување, кој влегува во сегментот на нашата работа што се однесува на т.н. политика на меморија, односно сеќавање преку одбележување на заеднички личности и настани и тој текст е одамна испратен до двете Влади. Но, немаме согласност за препорака за учебниците и не може препораката за заедничко чествување автоматски да се пренесе и како препорака за учебници, додава историчарот Ѓоргиев, со што практично го потврди ставот на колегата Топалов.

– Низ македонските медиуми кружат информации што ја доведуваат во заблуда јавноста дека Комисијата ги решила прашањата од средниот век и веќе стигнала до најновата историја, изјави Топалов, кој во телевизиското интервју дури кажа и дека македонските историчари ги читаат историските извори, како што ѓаволот го чита евангелието.

Драги Ѓоргиев, пак, споделува дека двете страни биле блиску до договор за текстот за цар Самоил во учебниците и на маса биле разгледувани четири предлог-препораки, но сепак не било изнајдено заедничко решение.

Главното сопнување во оваа препорака е дека тука сакавме да се изразат тезите и од светската медијавистика, каде доминираат тезите дека Самоиловата држава е наследник на бугарската држава и царство, но и тезите кои велат дека тоа е посебна држава, независна од Бугарија. Кога предложивме на учениците да им се понудат двете опции Бугарите не се согласија. Тие велат дека според светската историографија тоа е бугарска држава, што претставува едностран пристап. Иако тезите се валидни и рамноправни, тука беше главното недоразбирање, оценува Ѓоргиев.

Тој открива дека се усвоени препораките за учебниците за петти и шести клас во Бугарија, како и за шесто одделение во Македонија, чие понатамошно внесување во учебниците не е задача и домен на Комисијата, иако, како што вели, менувањето е долготраен процес. Претходно, премиерот Зоран Заев истакна дека се поготвува акциски план за спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, додавајќи дека очекува промена на учебниците веќе од наредната 2021/2022 учебна година.

Историчарот Ѓоргиев напоменува дека допрва треба и да се расчисти кога да се употребува придавката „македонски“, бидејќи според бугарските колеги, со Договорот од Преспа, таа добила друго значење. Коментирајќи ги дел од обвинувањата во јавноста, Ѓоргиев категорично потврди дека „во Комисијата воопшто не се разговара за македонскиот идентитет и јазик“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот