Големиот Овечкин сака да игра и на 41 година, но сè уште не донел одлука
Алекс Овечкин, еден од најголемите хокеари во историјата, најави дека одлуката дали ќе продолжи со играчката кариера ќе ја донесе дури по крајот на сезоната.
Препорачано
Напаѓачот на Вашингтон кепиталси откри дека во летниот период ќе има разговори со најблиските, како и со клупското раководство, по што ќе стане јасно дали ќе остане на мразот или ќе стави точка на својата долга и успешна кариера.
Искусниот Русин, кој наесен ќе наполни 41 година, потенцира дека физичката подготвеност и здравствената состојба ќе бидат клучни во носењето на конечната одлука. Воедно, неизвесноста дополнително се зголемува со оглед дека неговиот договор истекува на крајот од јуни.
Иако сè уште нема конечен став, првичните најави говорат дека Овечкин има амбиција да одигра уште најмалку една сезона, со цел дополнително да ги подобри своите историски достигнувања. Тој веќе испиша историја откако го надмина Вејн Грецки на листата на најдобри стрелци, стигнувајќи до неверојатни 928 голови.
Во меѓувреме, сè погласни се шпекулациите за можно пензионирање, но легендарниот хокеар засега не брза со одлука, оставајќи ја конечната разврска за по завршувањето на сезоната.


