Големината на скандалот Онкологија е 30 милиони евра

Одземени пасоши на онкологија / Фото Слободен печат колаж

Големината на скандалот Онкологија за кој Обвинителството денеска почна истрага против 5 лица вработени на Клиниката е 30 милиони евра. На двајцата поранешни директори, медицинскиот Никола Васев и економскиот Нехат Нухи им се одземени пасошите и им е забрането да го напуштат живеалиштето како и да се појавуваат на Клиниката. Тројца лекари вработени на одделите за карцином на дојка и карцином на бели дробови се осомничени дека помагале во кривично дело измама во службата.

Во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека осомничените директори на Клиниката со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со намера за друг да прибават противправна имотна корист го довеле во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата на пари за набавка на лекови кои ги трошеле и нарачувале спротивно на законските и подзаконските прописи, без формиран стручен колегиум и без соодветни медицински протоколи. Во ова со умисла биле помогнати од тројцата други осомничени доктори кои одредена терапија пропишувале вон препораките и свесно избегнувајќи ги параметрите кои ја опишуваат состојбата на пациентот во однос на болеста.

Основното јавно обвинителство Скопје ја продолжува истрагата во предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија и повторно апелира до сите пациенти да се јавуваат во Јавното обвинителство и да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци, бидејќи нивните сознанија ќе бидат исклучително важни и во натамошниот тек на постапката.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот