Дина Јашари со својот бенд ќе настапи во Љубљана, Подгорица, Белград и на островот Крк

Годишнината на албумот „Растенија без корен“ кантавторката Дина Јашари ќе ја прослави со регионална турнеја

Македонската кантавторка Дина Јашари тргнува на турнеја низ постјугословенскиот простор со деби-албумот „Растенија без корен“ – точно на неговата прва годишнина. Нејзините песни, автентичен звук и органски прецизниот бенд во мај и јуни 2026 пристигнуваат во Словенија, Црна Гора, Србија и Хрватска.

На 22 мај Дина настапува во „Кино Шишка“ во Љубљана – еден од водечките центри за урбана култура во регионот, како дел од јубилејот на „Night Shifts Events Ljubljana“, организација која работи на промоција и размена на македонско-словенечката култура.

Два дена подоцна, на 24 мај, е дел од програмата на „SOWL Weekender“ во Подгорица, нов регионален фестивал за музика и природа во своето прво издание на кој ќе настапи и култниот њу-џез состав „Kyoto Jazz Massive“.

Централниот настап на турнејата е на 25 мај во Белград – точно една година откако „Растенија без корен“ беше објавен. На платото пред Музејот на Југославија, Дина го отвора 9. издание на манифестацијата „Leto u MuzeYU“, заедно со „Љубичице“ (Србија) и „Немечек“ (Хрватска), тројца добитници на наградата „Милан Младеновиќ“, која Дина ја освои уште во 2022 година со песната „Дома“. Влезот на концертот е слободен.

Во јуни турнејата продолжува на островот Крк (Хрватска), каде Дина е дел од изведувачите на „SURF Festival“ – нов јадрански фестивал во своето прво издание, со интернационална програма и атмосфера далеку од масовните фестивали.

„Растенија без корен“ е деби-албум составен од девет песни, интимен и жанровски музички дневник на Дина Јашари. Снимен на различни локации во текот на три години, со различни соработници, албумот го одбележа регионалниот музички портал „Rockomotiva“ со место во топ 5 регионални албуми за 2025 година.

Уште пред тоа, Дина ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ за 2022 година со песната „Дома“ – регионалното признание во чест на легендарниот фронтмен на групата „Екатарина Велика“. Албумот постои како винилно издание и е достапен на сите дигитални платформи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот