Весна Јаневска, министерка за образование и наука / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Годинава повеќе од 800 компании се вклучени во дуалното образование, вели Јаневска

Министерството за образование и наука засилено ги спроведува реформите во образованието. Во согласност со реформската агенда, до декември 2026 година имаме обврска да стигнеме до бројка од 700 компании вклучени во дуалното образование. Веќе сега таа бројка е надмината и над 800 компании се вклучени во стекнување практично знаење на учениците директно кај работодавач. И оваа бројка дополнително ќе расте затоа што компаниите го гледаат бенефитот од учеството во квалитетното образување кадри според свои потреби – рече денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Како што истакна Јаневска и учениците ја препознаваат предноста да влезат на пазарот на труд или во високото образование подготвени не само со теоретско туку и со практично знаење од конкретни работни места.

– Затоа и бројот на ученици во дуалните паралелки во средните стручни училишта од година на година е сè поголем. Во стручно образование се запишани 66 отсто од средношколците. Од нив, речиси 30 проценти се запишани во дуално образование. Јасен е интересот на компаниите за раст на овие бројки – ним им се потребни квалификувани работници, кои знаат да ракуваат со опрема и ја познаваат технологијата. Тоа, меѓу другите предности, значи и намалување на трошоците за обука по вработувањето. Дополнително, дуалното образование го издигнуваме и на ниво на високото образование. Со новиот закон за високо образование, што набргу ќе биде пред пратениците, се дава можност практичната настава во задолжителните наставни предмети, за подрачјата во кои е тоа применливо, да се изведува како дуално образование под менторство на стручни лица од реалниот сектор и ментор од соодветната студиска програма на универзитетот. Оваа измена е согласна со европското разбирање на стручното образование не само како одговор на недостигот на вештини на пазарот на труд и несовпаѓањето на вештините, туку и како двигател на социјалната инклузија, дигиталната трансформација, територијалната кохезија и долгорочната општествена отпорност – рече министерката.

Таа изрази задоволство што образованието и бизнис-заедницата продолжуваат да создаваат можности за младите и да градат конкурентен човечки капитал.

– Со поддршка од нашите меѓународни партнери: германската и швајцарската влада, преку Регионалниот фонд за предизвици, Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе, заедно со шест претпријатија, добиваат грант од речиси 500 илјади евра за реализација на проектот „Паметна обука во преработката на производи од млеко и месо“. Ќе се изгради и опреми современ центар за обука за преработка на млеко и месо, ќе се изработат наставна програма и материјали за учење, со што ќе бидат поддржани две квалификации: млекопреработувач и преработувач на месо и месни производи. Во Македонија со гордост говориме за успешноста на моделот на дуално образование во рамките на средното стручно образование. Во овој грант се препознаваат сите негови добри практики: можноста за партнерство меѓу средните училишта и факултетите, активната улога на компаниите, вклученост на стопанските комори, практичната обука на учениците со ментори, како и соработка со меѓународни партнери. Заедничка цел е директно решавање на структурните предизвици на пазарот на труд, како што се младинската невработеност и недостигот на вештини, како и зголемување на конкурентноста на локалните компании – рече Јаневска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот