Гоце, Питу, Даме и Јане – четири имиња на раздорот

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Можеби ќе биде попаметно по примерот на Шпанија текстот да се изостави, па при интонирањето на химната секој ќе може да си м’мка што сака, како сака и слободно да си додава и вади имиња од строфите според сопствено убедување

Од револуционери, народни херои и импозантни историски личности, до причинители на раздорот. Накусо, на овој начин би можеле да се опишат судбините на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански, македонските борци за слобода, опеани во третата строфа од државната химна.

– За химната не се преговара – ова пред некој го изјави шефот на македонската дипломатијата Бујар Османи, кој демантираше дека владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети преговараат за промена на химната, грбот и знамето. Но, иако преговори нема, Османи посочи дека химната на нашата земја не е инклузивен елемент во државата и тоа се чувствувало на спортските натпревари каде се нè спојува, освен химната, бидејќи еден голем дел од граѓаните не се гледаат внатре, односно не се споменуваат во стиховите.

Претпоставувам дека почетниот стих на химната – „новото сонце на слободата што се раѓа над Македонија“, никого не навредува, а истото се однесува и на вториот дел од првата строфа, каде што „Македонците се борат за своите правдини“. Според моите стандарди, сѐ е во ред и со втората – „Не плачи Македонијо мајко мила, крени глава гордо, високо, старо, младо, машко и женско, на нозе се кренало“, како и со четвртата строфа, во која се пее за горите македонски, за новите песни и весници и која завршува со констатацијата дека Македонија е слободна и слободно живее.

Веројатно спорна е третата строфа, во која покрај тоа што се пее за Крушевската Република, што е патем најинклузивниот момент од македонската историја, се споменуваат имињата на четворица македонски револуционери. Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и (Јане) Сандански. Ако другото е ОК или може да стане инклузивно за останатите со мали измени на стиховите, тогаш овие имиња се непремостлива пречка за поголем број македонски граѓани.

Интересно, но ова не е првпат имињата на револуционерите да се третираат како спорен дел од македонската химна. Во оригиналната поема напишана од Владо Малески, имињата на Никола Карев и Димитар Влахов биле впишани во третата строфа. Но, во „проблематичните времиња“ предизвикани од Резолуцијата на Информбирото, тогашната комунистичка власт го исфрлила Карев од химната, бидејќи неговите браќа биле осомничени за бугарофилство, а Влахов бил член на Бугарската комунистичка партија, а и слабо го говорел македонскиот јазик. Долго време траела дебатата на македонските комунисти, за тоа дали во химната да бидат Гоце Делчев и Даме Груев, но на крајот се согласиле, сепак, да ги остават.

Повеќе од 70 години поминаа по периодот на „Информбирото“ и повеќе од 30 години по падот на комунизмот, а во слободна и суверена Македонија повторно е проблематично тоа што Гоце Делчев и другите се дел од државната химна.

Не би сакал да кажам дека по ниту една цена не би смеело да се менува ништо во химната, бидејќи поддржувам секаков облик на дебата, но не би бил пресреќен доколку се прават корекции во текстот, бидејќи тоа е одлика на едно време и напишано е во специфичен историски контекст.

Можеби ќе биде попаметно по примерот на Шпанија текстот да се изостави, па при интонирањето на химната секој ќе може да си м’мка што сака, како сака и слободно да си додава и вади имиња од строфите според сопствено убедување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот