Го снема од мрежите видеото со Ахмети во униформа, кое го споделуваа функционери на ДУИ
Видеото кое деновиве масовно го споделуваа членови и функционери на ДУИ, на кое можеше да се види лидерот на партијата Али Ахмети облечен во униформа, во сцени од воениот конфликт во 2001 година, синоќа е избришано од интернет.
На снимката се слушаа воинствени песни за ОНА и за командантот Ахмети, како и фотографии и видеа на Ахмети во униформа на УЧК и средби на лидерот на ДУИ со косовски и албански политичари. Во фокусот на милитантното видео беше обраќање на Ахмети, во кое тој велеше дека „никогаш не изгубил ниту една војна“.
-Јас доаѓам од народот, доаѓам од вашиот слој. Дајте ми го мечот, гледајте како го ракувам. Никогаш не сум изгубил ниту една војна, бидејќи војниците ми го подарија мечот – велеше Ахмети во видеото, пред да биде избришано од социјалните мрежи.
Според претставници на ДУИ, снимката не е спорна и таа го прикажува животот на Ахмети, без тоа да биде замислено како провокација.
„Тоа е во реалност биографијата на нашиот лидер Али Ахмети. Тоа не може да се контестира“, изјави денеска Рина Ајдари од ДУИ.
Во исто време, СДСМ го повика Ахмети „да излезе од националистичкиот филм“ и наведе дека „намерните етнички провокации се неприфатливи“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, изјави дека ДУИ со видеото сака да ја дефокусира јавноста од постапките кои се водат против функционери од партијата.
„Кога некој е кабает и тоа голем кабает, нормално е дека ќе пробува да дефокусира, да измислува теми кои не се тема, да наметнува прашања кои се затворени многу одамна во нашата Македонија“, изјави Тошковски.
ДУИ со воинствено видео: Ахмети досега не изгубил ниедна војна