Го кренаа гласот против теророт: Ова се актерките кои добија отказ затоа што ги поддржаа Палестинците

Џена Ортега / Сузан Сарандон / Мелиса Барера / Фото: Принтскрин /Инстаграм / Extra Medium / Flickr

Нападот на Израел врз Газа предизвика растечки јаз во Холивуд. Израелските напади врз Газа од 7 октомври прво поттикнаа гнев кај многу еврејски членови на холивудската индустрија поради молкот на нивните колеги. Но, во последните недели, оние кои беа најгласни противници на израелските воени акции во Газа, почнаа да се соочуваат со последици по нивните работни ангажмани.

Откако агентката на холивудската агенција за таленти CAA, Маха Дахил, предизвика контроверзии со серија објави на Инстаграм, вклучително и една која вели: „Што е посрцепарателно од сведочење на геноцид? Сведочење на негирањето дека се случува геноцид“, таа беше преместена на пониска работна позиција во агенцијата пред да се извини и да рече за „Вариети“ дека „направила грешка“. „Вариети“ исто така објави дека некои нејзини колеги сакале да биде отпуштена.

Оскаровката Сузан Сарандон во вторникот беше отпуштена од нејзината агенција поради коментарите што ги даде на про-палестинскиот митинг минатата недела, а актерката Мелиса Барера беше отпуштена од актерската екипа на претстојниот трилер „Врисок 7“ (Scream VII), во кој требаше да ја репризира својата главна улога во франшизата.

Фото: Erik Pendzich / Alamy / Alamy / Profimedia

Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, Мелиса Барера често ги користеше своите социјални мрежи за поддршка на Палестинците во нивните настојувања да добијат независна држава и споделуваше информации за ситуацијата во Газа, вклучително и споделување објави на Инстаграм и написи кои ги опишуваат нападите од израелските сили како „геноцид и етничко чистење“ и се однесуваат на Израел како на „колонизирана земја“. На нејзините приказни на Инстаграм таа напиша дека се обидува на интернет да пронајде информации за војната од палестинска перспектива „бидејќи, како што вели, западните медиуми ја покажуваат само другата страна“.

„Спајглас медиа груп“ (Spyglass Media Group), продуцентската компанија што стои зад „Врисок 7“,  изјавила во вторникот: „Аспектот на ‘Спајглас’ е недвосмислено јасен: немаме толеранција за антисемитизам или поттикнување омраза од кој било вид, вклучително лажни референци за геноцид, етничко чистење, искривување на Холокаустот или сè што флагрантно ја надминува границата на говор на омраза“.

Барера веќе претходно се изјаснила против антисемитизмот.

„Важно е да се нагласи дека кога велам Слободна Палестина, воопшто не мислам: ‘Убијте ги сите Евреи’“, напишала таа на Инстаграм на 27 октомври. Таа додала дека сака слобода и безбедност за Палестинците и Евреите низ светот, пишува „Тајм“.

Кристофер Лендон, кој ќе го режира „Врисок 7“, во сега избришаната објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) напиша: „Сè е лошо. Престанете да викате. Ова не беше моја одлука“.

Барера, која сè уште официјално не го коментирала нејзиното отпуштање од филмот, но и понатаму продолжува да споделува информации за Газа на нејзината социјална мрежа, оваа недела повторно сподели фотографија на нејзините приказни на Инстаграм на која напиша:

„На крајот на денот, претпочитам да бидам исклучена поради оние што ги вклучувам, отколку вклучена поради оние што ги исклучувам“.

Еден ден откако „Спајглас“ ја отпушти ѕвездата Мелиса Барера од „Врисок 7“, последниот дел од франшизата на хорор филмовите, беше откриено дека актерката Џена Ортега исто така нема да се врати.

Загубата на две водечки актерки кои одиграа клучна улога во ревитализацијата на застарената франшиза сега ја доведува нивната иднина во прашање. Кристофер Лендон останува како режисер – засега – но следните чекори за „Спајглас“ остануваат нејасни.

Оскаровката го критикуваше Израел, па веднаш е исфрлена од холивудската агенција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот