Глобална акција: Скулпторот Сашо Саздовски е дел од проектот „100 земји, 100 маски“

Во стилот на добротворниот концерт „Еден свет“, меѓународни визуелни уметници од 100 земји ја покажуваат својата поддршка на мерките за справување со пандемијата на коронавирусот со својата професионална лична заштита.

Глобалната акција „100 земји, 100 маски“ и мотото „Еден свет“ е иницијатива на скулпторското здружение ИССА (Меѓународна алијанса на скулптори), во кое 100 скулптори од 100 земји преку фотографии во нивните маски (маска како симбол за безбедност) заедно праќаат јасна порака дека сите сме заедно во ова, давајќи поддршка за сите оние што неуморно се борат за нашето здравје.

– Во период кога пандемијата на коронавирусот го зафати светот, во сите држави на пет континенти, уметниците од речиси 100 држави стојат обединети облечени во својата професионална лична заштита за да ја покажат својата поддршка во борбата против вирусот. Професионалните скулптори обично носат маски секој ден за да се заштитат од прашината создадена од нивната работа. Во оваа здравствена криза, нивната маска ја симболизира нивната поддршка и решеност за борба против оваа болест – изјави Саздовски.

Меѓународната алијанса на скулптори ги обединува скулпторите и организира скулпторски настани низ целиот свет. Претставените скулптори се професионални и влијателни уметници, кои заедно имаат создадено илјадници монументални скулптури. Во моментов нивниот професионален живот и приходите се ставени во мирување поради затворањето на границите и мерките за безбедност.

Скулпторот Сашо Саздовски во процес на изранотка на монументална скулптура

– Како скулптор и како член од Македонија ја поддржувам и ја претставувам државата во акцијата „100 земји, 100 маски“. Гледајќи низ историјата, сме имале слични пандемии и страдања, така што сегашната состојба на нашата цивилизација донекаде е позната. Пандемијата е одличен тест за човештвото и времето ќе покаже дали развојот на цивилизацијата се движел во вистинската насока или, пак, во насока на материјалното, каде што се запоставуваат духовноста и природата, како наш заеднички дом.

Развојот на нашата цивилизација несомнено ќе има промени во начинот на живот кај луѓето, светот каков што го знаевме повеќе нема да биде ист. Новата реалност ќе зависи од луѓето на планетата и затоа е важно да не губиме надеж и колективно да се бориме за да ја спасиме нашата планета – потенцира Саздовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 31, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот