Ѓорѓиевски се сретнал со турскиот колега, разговарале за декоративното осветлување на Камениот мост
Првиот човек на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, одржа состанок со својот турски колега од општината Есенлер, Мехмед Тевфик Ѓоксу. Главна тема на нивниот разговор бил неодамнешниот договор преку кој се планира поставување ново архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост.
Препорачано
„Денес остварив пријателска и конструктивна средба со градоначалникот на Есенлер од Република Турција, Мехмед Тевфик Ѓоксу. На средбата уште еднаш го потврдивме пријателството, партнерството и добрата соработка воспоставена преку неодамна потпишаниот Протокол за соработка, кој се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост“, објави Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Скопскиот градоначалник посочи дека овој историски објект го претставува јадрото на главниот град, скапоцено културно наследство и препознатлив белег што симболизира поврзување низ различни епохи.
„Со реализацијата на овој проект, Камениот мост ќе добие современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со неговите архитектонски карактеристики и историска вредност. На тој начин, еден од најзначајните симболи на Скопје ќе биде дополнително истакнат, заштитен и претставен во достоинствено светло пред граѓаните и посетителите“, истакна градоначалникот.
Тој упати благодарност до локалната самоуправа на Есенлер за помошта, како и до сите експерти и надлежни институции кои активно учествуваат во процесот на планирање и изведба на овој потфат.
„Оваа соработка е уште еден доказ дека преку пријателство, партнерство и преку размена на искуства можеме да реализираме проекти кои оставаат трајна вредност за градот. Продолжуваме да ја продлабочуваме соработката со нашите пријатели од Турција, со цел поддршка на нови проекти од заеднички интерес и унапредување на условите за живот на граѓаните. Скопје ги чува своите симболи“, нагласи Ѓорѓиевски.


