Орце Ѓорѓиевски / Фото: Слободан Ѓуриќ / Слободен печат

Ѓорѓиевски се пофали дека жителите на Долно Лисиче конечно имаат чиста вода за пиење

После многу години чекање, жителите на Долно Лисиче конечно добиваат чиста и безбедна вода за пиење, напиша денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на неговата Фејсбук-страница. Ѓорѓиевски информираше дека денеска со градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, извршиле увид на работите на новата водоводна мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче.

– Ова е проект што за луѓето овде, значи многу. Значи сигурност во секој дом, чиста вода за секое семејство, мир за родителите и подобри услови за живот на децата – додаде Ѓорѓиевски.

Проблем што траел со децении, како што нагласи тој, конечно почнува да се решава.

– На улица „2“ се гради нова водоводна мрежа во должина од околу 1.255 метри, со цевка DN 225 мм, која ќе се поврзе со постојната водоводна линија на регионалниот пат R1106. Со овој зафат се предвидени и 109 приклучоци за домовите од левата и десната страна на улицата. Дополнително, кај месната заедница, на улица „20“, ќе се замени старата и дотраена водоводна цевка со нова полиетиленска цевка DN 160 мм, во должина од 48 метри. Со тоа ќе се овозможи подобро движење на водата и постабилно водоснабдување за жителите. Знам колку значи кога човек во својот дом ќе ја отвори чешмата и ќе знае дека водата е чиста, безбедна и сигурна – нагласи градоначалникот.

Тој истакна дека тоа не смее да биде луксуз, оти тоа е основно право на секој човек.

– Како што ветивме пред нашиот народ, така и работиме. Чекор по чекор, улица по улица, маало по маало, ги решаваме проблемите кои предолго биле оставани настрана. Следуваат уште многу проекти за подобар и подостоинствен живот. За Долно Лисиче, за Аеродром, за цело Скопје – најдоброто доаѓа – пишува Ѓорѓиевски во објавата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот