Ѓорѓиевски: Јавните претпријатија должат над 300 милиони евра, отпуштени се 500 луѓе кои не доаѓале на работа
Над 300 милиони евра е, според нашите пресметки, вкупниот долг на јавните претпријатија на Скопје, а не како што очекував околу 200 милиони. Ќе треба посериозен ангажман, но тоа е дополнителен предизвик и мотив во намерата да изградиме метропола со која сите ќе се гордееме за кратко време, изјави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
Во интервју за „Сител“ вечерва, тој рече дека „ќе биде пеколно тешко“, но и дека има „одличен тим и очекувам силна поддршка од Владата и со добра организација и домаќински ќе ја надминеме состојбата“.
Ѓорѓиевски најави дека сите јавни претпријатија ќе претрпат измени во менаџерскиот тим и наскоро ќе бидат соопштени кадровските решенија за Град Скопје, за ЈП, установи од културата и средните училишта.
-Природно е и логично секој човек со себе да си донесе луѓе со кои сака да работи. Кадровските измени ќе бидат соoпштени во следните денови, рече Ѓорѓиевски.
Тој соопшти дека бројот на луѓе кои се отпуштени откако фигурирале на платните списоци, а не оделе на работа, надминал 500.
„Тоа значи пет милиони евра на годишно ниво, тоа се сериозни пари со кои досега ќе имавме лунапарк. За тоа се знаело и во минатото, но изгледа се немало храброст да се преземат чекори. Нема да имам толеранција кон никого за тоа, така беше и во општината што ја раководев“, рече Ѓорѓиевски во гостувањето на „Сител“.
Како што рече, со правни тимови разгледува можност не само што се отстранети од работа туку и средствата да бидат вратени и да има одговорност од раководители на сектори и од директори што тоа го дозволувале.
Најмногу вакви случаи имало во „Паркови и зеленило“ и во „Комунална хигиена“ но и во „Дрисла“, „Водовод и канализација“ и во сите други јавни претпријатија имало такви вработени кои со месеци и години земале плата без да се појават на работните места.


