Фото: EPA/JAMES ROSS

Ѓоковиќ се извлече: Музети доминираше, па му подари полуфинале

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Австралија опен, откако Италијанецот Лоренцо Музети утринава му го предаде четвртфиналниот меч поради повреда.

Дуелот траеше точно два часа, а до моментот на прекин резултатот по сетови беше 6:4, 6:3, 1:3 во корист на Музети.

На самиот почеток од мечот беа видени два брејка, а лошиот сервис на Ѓоковиќ Италијанецот го искористи и во петтиот гем, кога направи втор брејк во првиот сет. Потоа двајцата тенисери ги консолидираа своите сервиси, па Музети без поголеми проблеми поведе со 1:0 во сетови.

Речиси идентично сценарио се повтори и на стартот од вториот сет. Музети повторно направи два брејка на првите два сервис-гема на Ѓоковиќ, кој не пружи значителен отпор, па Италијанецот стигна до убедлива предност од 2:0 во сетови и беше на чекор до победа.

Сепак, во третиот сет следуваше шок. Музети добро го отвори сетот и поведе со 1:0, но потоа целосно застана поради повреда. Ѓоковиќ најпрво направи брејк, поведе со 3:1, по што Музети реши да не го продолжи мечот поради повреда на ногата.

Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија опен ќе игра против победникот од четвртфиналниот дуел меѓу Бен Шелтон (7. АТП) и Јаник Синер (2. АТП), кој е закажан за денеска во 9:00 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот