Судијата Ѓоко Ристов

Ѓоко Ристов не бил присутен на претресот кога му беа најдени заѕиданите 350 илјади евра

Од саботата попладне кога во Неготино во домот на родителите на Апелациониот судија Ѓоко Ристов зад ѕид од цигли и плочки беа најдени 350 илјади евра, никој не кажува каде е судијата и дали ќе се бара притвор за него. Се чека Обвинителството за гонење за организиран криминал и корупција да каже дали Ристов е обезбеден, откако поминаа повеќе од 24 часа од претресот и се поголеми се сомнежите и шпекулациите дека е надвор од земјава.

Според неофицијалните информации на „Слободен печат“ од извори вклучени во истрагата, Ристов не е избеган, а според други извори, исто така вклучени во истрагата Ристов не бил присутен кога се вршел претресот во Неготино. Таму биле неговиот татко, брат и адвокат.

Последните информации од ОЈОГОКК се дека се продолжува со постапувањето и дека јавниот обвинител, деновиве ќе процени за мерките за обезбедување на присуство на судијата.

Од Судскиот совет пак има најави дека денеска ќе свикаат седница на која треба да се одлучува дали ќе му биде симнат имунитетот.

– Советот одлучува за одземање на имунитет на судија во случаи утврдени со закон, на седница на Советот со најмалку седум гласови на членовите на Советот со право на глас. Советот на седница одлучува со најмалку седум гласови од вкупниот број членовите на Советот со право на глас по барањето за одобрување на притвор на судија, односно по известувањето дека судијата е притворен. Постапката во која Советот одлучува за одземање на имунитет на судија е итна и се спроведува во рок 24 часа од доставеното барање, односно известувањето за притвор – се вели во Законот за судски совет.

Таму пак, пред да му бидат најдени парите имало претставка за наводно земено мито од обвинетиот Исмет Гури од ДУИ и анонимни известувања од вработени во Апелација, но нема никаква постапка против судијата во Судски совет. Нема информации од институциите дали Ристов бил повикан во полициска станица, а тоа што се молчи ги зголемува сомнежите за политички пазарења и влијанија со оглед на тоа што Ристов водеше и одлучуваше во предмети поврзани со моќни бизнисмени и политичари за време на владеењето на двете најголеми партии.

Додека беше во Кривичниот суд во време на владеењето на Никола Груевски, ги судеше предметите „Метастаза“ „Албатрос“, Бумеранг“ за злоупотреби со инвалидски пензии, земање на мито на службеници, предметот „Изгрев“ за злоупотреби на имотот со МПЦ кој по години судење заврши со ослободителни пресуди, предметот „Тотал“ во кој беше обвинет новинарот Драган Павловиќ – Латас, а на градоначалникот на Шутка му одреди условна казна. Ристов во 2020 година беше унапреден во Апелација иако беше 14-то рангиран.

Таму одлучуваше за предмети поврзани со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за што веќе еден судија, Енвер Беџети „падна“ и беше ставен на црната листа на САД. Парите му беа најдени откако беше уапсен адвокатот на контроверзниот бизнисмен од Неготино, Љупчо Пецов – Ѓаволот, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Стафа, според Обвинителството му ветувал на Ѓаволот куќен притвор и барал 100 илјади евра мито. Добил 50 илјади евра кои, според кажувањата на Стафа требало да му ги даде на Апелационен судија. Ристов не беше фатен со парите, но беше под истрага. И судијата и Ѓаволот се од Неготино, а во претресите викендов беше вклучена Управата за финансиска полиција, а со свои известувања и Агенцијата за национална безбедност.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот