Гинеколог осуден на 10 месеци затвор за царскиот рез во кој починаа Маја Кадиева и нејзиното бебе
Десет месеци затворска казна доби гинекологот В.Ч. кој во 2015 година бил во тимот за изведување на царски рез на Маја Кадиева, која почина во болницата во Гевгелија заедно со нејзиното бебе по неуспешно воведување под анестезија од страна на двајца анестезиолози под дејство на алкохол. Ова го покажува пресудата за случајот, што минатиот месец ја донесл Врховниот суд а во која увид имаше „Слободен печат“.
Препорачано
Постапката почна против четворица обвинети, двајца анестезиолози и двајца гинеколози. Во текот на постапката починаа двајцата анестезиолози, едниот во фаза на истрага а другиот по почнувањето на постапката, по што Обвинителството ја продолжи постапката против двајцата гинеколози. Едниот доби условна казна, а вториот, В.Ч. е осуден на 10 месеци ефективна затворска казна.
Врховниот суд делумно ја уважи жалбата на Вишото јавно обвинителство и ја преиначи пресудата на Апелациониот суд од 24 март годинава, на начин што докторот В.Ч. од Гевгелија осуден за тешки дела против здравјето на луѓето го осудува на казна затвор од 10 месеци, со која казна може да се очекува дека ќе се изврши доволно воспитно влијание врз обвинетиот во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела, како и дека позитивно ќе се влијае на планот на генералната превенција, пишува во пресудата.
За другиот гинеколог потврдена е условната казна. Смртта кај Кадиева и бебето настапила поради загушување односно недостиг на кислород.
Врховниот суд смета дека дејствијата на сите вклучени во тимот за изведување на породувањето не може да се гледаат изолирано, па затоа го гледа целиот настан почнувајќи од подготовките, прифаќањето да се изведе царскиот рез и самото негово изведување.
Иако не се работело за итен оперативен зафат и дежурниот анестезиолог не се појавил во закажаното време, а кога се појавил било очигледно дека е под дејство на алкохол, сепак обвинетиот В.Ч. и дежурниот гинеколог Д.М. се согласиле да се изврши царски рез без навремено да се екипира медицинскиот тим без негова претходна координација и со анестезиолози во алкохолизирана состојба, пишува во пресудата од Врховен суд.
Сослушаните сведоци сведочеле дека во операционата сала владеела хаотична атмосфера, била нарушена кохезивноста на медицинскиот тим и тоа во услови на животозагрозувачка состојба за пациентката.
Во случајот обвинетите постапиле спротивно на Упатството за безбедна хирургија и Упатството за згрижување при царски рез. Во салата немало ниту дефибрилатор.
Царскиот рез бил извршен без постоење на индикација за итност на интервенцијата, без извршени испитувања за моменталната здравствена состојба на пациентката, со прифаќање на резултатите од претходните испитување, без навремено комлетирање на медицинскиот тим кој требало да ја изврши интервенцијата.
Жената телефонски била повикана да се породи со царски рез иако веројатниот термин за породување бил подоцнежен. Иако немало можност пациентката да се воведе под анестезија, сепак операцијата не била одложена.


