Германските тајни служби предупредуваат на закани од Русија
Шефовите на главните германски разузнавачки служби ја предупредија владата да не ја потценува опасноста од Москва и странските екстремисти: Германија е веќе под оган.
Хибридното војување, шпионажата, тероризмот – опасностите за Германија, според мислењето на трите сојузни тајни служби, се поголеми од кога било. „Толеранцијата, воздржаноста и попустливоста, противниците како Русија ги толкуваат како слабост“, изјави во Берлин претседателот на Сојузната разузнавачка служба (БНД), Мартин Јегер, кој ја извршува функцијата од септември.
Препорачано
Поводот беше јавното сослушување на трите централни тајни служби од страна на Парламентарното контролно тело (ПКГр) на Бундестагот. Покрај Јегер, на прашањата на комисијата три часа одговараа и неговиот колега од Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БфВ), Синан Селен, и претседателката на Воената разузнувачка служба (МАД), Мартина Розенберг.
Претседателот на БНД: „Ние сме веќе под оган“
Тројцата се согласни за тоа од кого доаѓа најголемата опасност за Германија и за Европа: од Русија. „Ние сме веќе под оган“, рече шефот на БНД, Јегер, кој претходно беше амбасадор во Украина. За две и пол години доживеал над 1000 воздушни тревоги, рече поранешниот дипломат. Под тој впечаток, тој нагласи која задача ја смета за особено важна како претседател на разузнавачката служба: да му обезбеди на Бундесверот (германската армија) информации за можни вооружени конфликти.
Колку е загрозена бригадата на Бундесверот во Литванија?
Шефицата на МАД, Розенберг, е особено загрижена за безбедноста на бригадата на Бундесверот во Литванија, која официјално започна со служба во мај и треба да биде целосно оперативна до 2027 година. Безбедносната состојба на Балтикот, а со тоа и на источното крило на Северноатлантскиот одбранбен сојуз (НАТО), дополнително се влоши во последните месеци и останува нестабилна, смета Розенберг.
За да бидат подготвени за тоа, разузнавачкото трио инсистира на дополнителни овластувања. Законот за БНД мора да се прилагоди на реалноста на новото време, побара Јегер, барајќи поголем простор за маневрирање во борбата против странските сили. Под тоа тој го подразбира истото како Селен и Розенберг: можноста за подобар надзор на потенцијалните непријатели.
Колкава контрола е неопходна?
Сопствената сила и меѓународната соработка се меѓусебно зависни, нагласи претседателот на БНД. Притоа, тој навести дека неговата служба веројатно има повеќе корист од информациите на таканаречените пријателски служби во странство отколку обратно. Во тој контекст, тој од една страна ја пофали контролата од страна на Бундестагот, но во исто време го критикуваше персоналниот напор што е неопходен за тоа од неговата служба. „Се залагам за поефикасно организирање“, рече Јегер, без да даде конкретни предлози.
Критичарите на контролата на тајните служби најмногу го оспоруваат персоналниот состав на телото, кое теоретски треба да вклучува девет пратеници од сите пратенички групи во Парламентот. Всушност, има само шест, бидејќи кандидатите од опозициската Алтернатива за Германија (АфД) и од Левицата не добија мнозинство при гласањето во Бундестагот.
Само еден контролор е од опозицијата
Во моментов, пратеникот од Зелените, Константин фон Ноц, е единствениот опозициски политичар во Парламентарното контролно тело. Сите други членови припаѓаат на владините пратенички групи: Унијата (ЦДУ/ЦСУ) има три места, а Социјалдемократите (СПД) имаат две.
Поранешниот пратеник во Бундестагот од Левицата, Андре Хан, тоа го смета за апсолутна несразмерност што ги ограничува можностите за контрола. „Различните пратенички групи имаат различен поглед на работите и поставуваат различни прашања“, рече Хан во интервју за Дојче Веле. Тој самиот беше член на ПКГр десет години, до 2024 година. Претходно, од 1996 до 2013 година, беше контролор на тајните служби во покраината Саксонија.
Левицата ја предложи својата претседателка на пратеничката група, Хајди Рајхинек, како кандидат за членство во ПКГр. Отфрлањето на нејзината кандидатура беше преседан, бидејќи нејзиниот претходник Хан секогаш добивал потребна поддршка од другите пратенички групи. Различно е искуството на АфД. Тие беа застапени во контролното тело само од 2017 до 2021 година. Оттогаш, кандидатите на партијата, која е класифицирана како екстремно десничарска од Службата за заштита на Уставот, секогаш се одбивани.
АфД: „Ова не смее да остане така“
Нивниот претставник, Бернд Бауман, не сака да се помири со тоа, како што објасни на барање на Дојче Веле: „Тоа што АфД, како најголема опозициска пратеничка група, не е застапена во телото кое треба да ги контролира германските тајни служби, покажува во колку опасна нерамнотежа се наоѓаме. Зашто, најважната задача на опозицијата е контролата на Владата.“
„На некој начин се глуми транспарентност“
Според поранешниот контролор на тајните служби, Андре Хан, покрај актуелниот состав на телото, постои уште еден недостаток: „На некој начин се глуми транспарентност. Зашто, членовите знаат сè што ќе прашаат. За нив нема ништо ново.“ На крајот, тоа е само манифестација за јавноста.
Претседателот на Парламентарното контролно тело, Марк Хајнрихман од пратеничката група ЦДУ/ЦСУ, извлече поинаков заклучок од сослушувањето: „Потребата за разузнување во германското население стана многу јасна. Степенот на повеќекратна закана, особено од Русија, но и од други играчи, е сериозен.“
Извор: Дојче веле/ Автор: Марсел Фирстенау


