Георгиевска и Стојановска во клинч: Кој го опструира изборот на уставните судии, претстои уставна криза ако не се изберат

Пратеничките Марија Георгиевска и Дафина Стојановска/Фото: МИА

Неодговорното и несовесно однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нанесува штета на судскиот систем во државата. Уставниот суд работи на граница на кворум, со пет од вкупно девет уставни судии. Во ноември ќе истече мандатот на уште еден судија. Додека не се изберат нови, државата може да влезе во уставна криза, бидејќи Судот нема да може да носи одлуки и да одржува седници, рече Марија Георгиевска, пратеничка од редовите на СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната прес-конференција во Собранието.

– Со денови пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата на секој можен начин го блокираат изборот на нови уставни судии. Типично за ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога се носат одлуки важни за правниот систем, тие опструираат, блокираат и се закануваат. Така беше и при изборот на државен јавен обвинител, така е и сега кога треба да се изберат уставни судии, обвини Георгиевска.

Повеќе од една недела, како што нагласи Георгиевска, „се забележува нервозно и вулгарно однесување на пратениците кои по секоја цена сакаат да го пролонгираат изборот на уставни судии”.

Георгиевска најави дека ќе ги искористат сите механизми во Собранието за да бидат избрани уставните судии и увери оти тие ќе бидат избрани.

– Ќе ги искористиме сите механизми во ова Собранието, уставните судии ќе бидат избрани, а Уставниот суд ќе работи во својот полн состав. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ќе биде поразено од страна на правдата, додавајќи дека ќе проба да ги убеди колегите да дискутираат, односно да се впуштат во суштинска дебата која ќе биде разумна, рече пратеничката Георгиевска.

Според неа, сите пратеници треба да покажат сериозност и одговорност, а политиките да ги остават на страна.

-Пратеничката од СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска нечовечки ја води седницата. Нема да одмолчиме и да дозволиме така да се однеусва, рече денеска на прес-конференција во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска.

Како што истакна Стојаноска, говорот на пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ во кој таа зборува за кандидатот за уставен судија, Љубомир Јовески, не е завршен.

-Она што се случува на последните две продолженија од вчера и од петокот е реакција на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на акцијата на самоволието на владејачкото мнозинство кое користи двојни аршини при водење на седницата. Не знам зошто уште не е свикано 20-тото продолжение на кое бараме Георгиевска да ги даде стенограмските белешки од продолжението на кое говорот на Стаменкоска Трајкоска е наводно завршен или да достави видео запис, за да знаеме како понатаму ќе проодлжиме. Инсистираме на тоа дека говорот на колешката Бети Стаменкоска Трајкоска не е завршен по однос на последниот кандидат за уставен судија, Љубомир Јовески. Очигледно повеќе им пречи она што се говори на оваа тема зашто Стаменкоска Трајкоска повтори преку 200 скандали и криминали кои се обелоденети, но на кои Јовески не реагирал, а власта сака да го награди со местото уставен судија. Им пречат дискусиите, но за жал, не можат да ги прекинат, нагласи пратеничката.

На седницата, дополни Стојаноска, е отворена точка од дневниот ред, пријавени за збор се 30 пратеници, а Стаменкоска Трајкоска е 10-та.

-Нема ниту деловнички, ниту каков било друг механизам или маневар што би можеле да го измислат и да го применат. Физички е невозможно на пратеник што сака да зборува повеќе часови, да не му дадете минимална пауза од пет до 10 минути, рече Стојаноска, објаснувајќи претходно дека претседателката на Комисијата на Стаменкоска Трајкоска која зборувала девет часа, не и дала ни минимална пауза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот