Генерациска паника
Кога денешната генерација мисли дека секоја наредна е полоша, врши проекција на сегашното јас. Кога ги гледаме младите, ги споредуваме со она што сме ние сега, со искуство и одговорност, а не со она што сме биле ние на нивна возраст.
Кога велам дека денешната младина не е добра, веднаш ми се појавува сликата на оние древни папируси од стариот Египет. Пред 4.600 години, некој писар со трска во раката запишал дека светот ќе пропадне затоа што младите се непослушни и мрзливи, дека не ги почитуваат постарите. Очигледно, со текот на годините сум влегол во тој клуб на стари и нетолерантни луѓе, скептичен кон сè што е ново и поинакво.
Препорачано
Но, ако ги оставиме емоциите настрана, јасно е дека станува збор за еден психолошки круг што се повторува. Денес младите нè нервираат со нивните телефони и „скролирање“ по екраните, исто како што нашите предци ги нервирале оние што први започнале да читаат весници на јавни места.
Вистински интересно станува кога ќе ја замислиме иднината. Оваа иста младина, која денес ја критикуваме, еден ден ќе порасне, ќе преземе одговорност и ќе се соочи со истиот тој генерациски јаз. Замислувам како за триесетина години, тие истите ќе седат и со прекор ќе ги гледаат новите деца.
Да го замислиме тој момент во 2056 година. Родителот (денешниот тинејџер) стои среде дневната соба и вика по својот син или ќерка, додека околу нив лебдат тридимензионални реклами и дигитални облаци.
„Слушај ме ваму!“, ќе вика родителот. „Во мое време барем имавме вистински телефони. Се знаеше што е стакло, што е екран, го допиравме уредот со прсти! А ти? Цел ден си во тој твој холограмски облак, не знаеш ни како изгледа вистинско сонце. Само трепкаш со тие смарт-леќи и комуницираш со вештачката интелигенција директно преку мислите, без да ги користиш прстите!“
А детето само ќе ги преврти очите (што родителот нема ни да го види под неговиот визир за виртуелна реалност) и ќе помисли: „Еве го пак стариов со неговите приказни за античкиот ајфон 15 и деновите кога луѓето морале сами да ги возат колите. Колку е заостанат и нетолерантен кон развојот.“
Родителот ќе продолжи со класичните фрази: „Со овие ваши чипови во мозокот ќе заборавите и да зборувате. Светот навистина отиде во неповрат. Ние барем имавме Тикток, таму барем имаше вистински луѓе, а не овие ваши дигитални аватари!“
Иронијата ќе биде совршена, бидејќи кругот ќе се затвори. Истите тие деца што денес нè нервираат со нивната дигитална замаеност, ќе станат чувари на старите добри времиња. Ќе ги бранат екраните на допир како врв на човечката цивилизација, додека со ужас ќе гледаат како нивните деца се поврзуваат со компјутерите директно преку мислите, преку чипови имплантирани во мозокот.
Тоа ќе ја докаже единствената константа на светот, дека секоја генерација мисли дека е последната што знаела како навистина се живее.
Кога денешната генерација мисли дека секоја наредна е полоша, врши проекција на сегашното јас. Кога ги гледаме младите, ги споредуваме со она што сме ние сега, со искуство и одговорност, а не со она што сме биле ние на нивна возраст.
Така излегува дека секоја генерација е последната нормална пред крајот на светот. Можеби токму во тоа е убавината на стареењето, да го гледаш светот како се менува, додека ти со сарказам и насобрано искуство чекаш младите да го кажат истото што ти им го кажуваш сега.
Тоа е вечниот круг. Светот, и покрај сите предвидувања уште од антиката, сè уште не пропаднал. Младите секогаш наоѓаат начин да го поправат она што нивните претходници го расипале, само што тоа го прават на свој и честопати неразбирлив начин.
(Авторот е универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


