Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Васина торта

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: васина торта.

– Има торти што не се само десерт, туку спомен, традиција и мирис на дом. Васината торта е токму таква – богата, сочна и благородна, со ореви, чоколадо и портокал што се спојуваат во совршена хармонија. Ова е торта што се подготвува со љубов и трпение, а вкусот се памети долго – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки:

За пандишпан:

– 5 јајца
– 5 лажици шеќер
– 3 лажици брашно
– 7 лажици мелени ореви
– рендана кора од портокал
– сок од 1 портокал (за натопување)

За фил:

– 5 жолчки
– 5 лажици шеќер
– 250 мл млеко
– 5 лажици шеќер
– 200 грама мелени ореви
– 200 грама чоколадо за готвење
– 200 грама путер
– 100 грама шеќер во прав
– рендана кора од портокал

За шам:

– 5 белки
– 250 грама шеќер
– 180 мл вода

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Пандишпан:

Ги одделуваме белките од жолчките. Белките ги матиме во цврст снег, со постепено додавање на шеќерот. Ги додаваме жолчките една по една, додека матиме.
Ги соединуваме со претходно измешаните брашно и мелени ореви и внимателно ги вмешуваме со шпатула, со кружни движења.
Смесата ја истураме во округол калап со подвижен обрач.
Печеме во загреана рерна на 170 степени околу 30 минути.
Испечениот пандишпан целосно го ладиме, па го вадиме од калапот.

Фил:

Жолчките и шеќерот ги матиме до згуснување, потоа продолжуваме со матење на пареа додека да добиеме густ крем. Оставаме да се излади.
Млекото и шеќерот ги зовриваме, па ги тргаме од оган и ги додаваме мелените ореви. Чоколадото го топиме на пареа и оставаме да се излади.
Путерот го матиме пенасто со шеќерот во прав (125 грама), па ги соединуваме сите изладени смеси и ја додаваме ренданата кора од портокал.
Пандишпанот го боцкаме на неколку места со чепкалка, го натопуваме со сокот од портокал, му го враќаме обрачот и рамномерно го нанесуваме филот врз тестото. Оставаме во фрижидер додека да се подготви шамот.

Шам:

Во тенџере ги ставаме водата и шеќерот и вариме додека да зоврие. Потоа намалуваме на средна температура и вариме точно 20 минути. Белките ги матиме во цврст снег.
Врелиот шербет го додаваме полека, во многу тенок млаз, со постојано матење на најсилна брзина (околу 20 минути). Готовиот шам рамномерно го распоредуваме врз филот и правиме форма по желба. Тортата најдобро е да отстои и да се излади преку ноќ, за вкусовите целосно да се соединат.

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот