Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Ледена торта со јагоди

Фото: Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за еден неодолив деликатес – ледена торта со јагоди.

– За да создадете вкусна пролетна торта и да се изненадите со вкусот и изгледот, следете ги чекорите на подготовка. Оваа ледена вкусна торта е од повеќе слоеви. Како сендвич со песоклива подлога и завршница од мелени бадеми и бисквити натопени со путер. Средината освежителна, млечна и пенеста од маскарпонето и слатката павлака со неодолив шмек од белото чоколадо кое во комбинација со свежите јагоди, ќе ги развесели вашите сетила. Пробајте за да ги доживеете овие задоволства – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

– 500 грама маскарпоне
– 250 мл слатка павлака
– 100 грама бело чоколадо
– 500 грама свежи јагоди
– 250 грама шеќер
– 100 грама мелени бадеми
– 300 грама мелени бисквити
– 100 грама путер (растопен)

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Подлога: Во длабок сад се ставаат 300 грама мелени бисквити, 100 грама мелени бадеми и 100 грама путер растопен. Се заедно се меша да се сврзат состојките, ако е многу суво се додаваат 2-3 лажици млеко. Од оваа песоклива смеса се вадат 5 полни лажици и се оставаат настрана, кои ќе ги користиме за горниот слој. Оваа смеса се сипува во 20 см модла за торти, со лажица се притиска смесата да се распореди насекаде. Смесата се става во замрзнувач 20 минути, да се стегне подлогата.

Фил: Белото чоколадо се топи на пареа и се остава да се излади.

Јагодите се чистат се мијат и се оставаат во цедалка да се исцеди водата. Се пасираат 200 грама јагоди во блендер. Се ставаат во тенџере на оган, им се додава 100 грама шеќер и откако ќе зовријат, се варат на средна температура 10 минути, потоа преливот од јагоди се остава да се излади.

За тоа време се мати маскарпонето со 150 грама шеќер во еден сад, а во друг сад се мати слатката павлака. На изматеното маскарпоне му се додава изладеното чоколадо со матење на миксер на средна брзина. На крај се додава изматената слатка павлака и се мати додека не стане  хомогена бела смеса.

Филување: На изладената песоклива смеса во калапот, се става половина од белата смеса, се распоредува насекаде и се мазни, врз неа се редат 300 грама јагоди исечкани, па врз нив се сипува целиот прелив од јагоди. Потоа се додава преостанатата бела смеса, се мазни одозгора и се посипува со песокливата смеса. Тортата се става во фрижидер да отстои еден час, да се стегне. Се вади обрачот од тортата, со преостанатите јагоди се декорира тортата одозгора и се сервира
Ова лесна, ледена торта со јагоди дополнително ќе ја разубави вашата пролет!

Пријатно сладење!

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот