Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Џем од кајсии – сонце во тегла
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: џем од кајсии.
– Слатко-киселкаст, сатенски и неповторлив вкус се крие во секоја лажица од овој златен џем. Направен од зрели, мирисни кајсии и само малку шеќер за да ја зачува природната свежина, овој домашен џем ве носи назад во летата на бабината кујна. Совршен за мачкање на печено лепче, палачинки или како тајна состојка во десертите што го освојуваат срцето – порачува Бобе.

Состојки:
– 5 кг зрели кајсии
– 1 кг шеќер

1. Подготовка на овошјето
Измијте ги кајсиите, извадете ги семките и пресечете ги на половини. Во длабоко тенџере редете слој кајсии, па слој шеќер, додека не се потрошат сите состојки. Покријте го тенџерето со капак и оставете го во фрижидер да отстои 12 часа.
2. Готвење
Извадете го тенџерето од фрижидер и ставете го на силен оган. Откако ќе почне да врие, варете со постојано мешање и вадете ја пената што ќе се создава. По желба, можете делумно да ги испасирате кајсиите со рачен блендер за помазна текстура.
3. Проверка на густина
Џемот е готов по приближно 30 минути – кога ќе почне лесно да се одвојува од лажицата. Тогаш тргнете го од оган.
4. Стерилизација и складирање
Ставете го жешкиот џем во претходно измиени и во рерна загреани тегли (на 100 степени Целзиусови). Затворете ги со топли капачиња и вратете ги во исклучена, но топла рерна да останат таму преку ноќ.
5. Чување
Следниот ден, изладените тегли складирајте ги на суво и темно место. Џемот ќе ве радува низ целата зима.
Само две состојки, но бескрајно уживање. Нека ви го заслади секое утро – со вкус на носталгија и љубов.





