Picryl / Wikimedia Commons / Колаж: Слободен печат

Гаши во Вашингтон ги цитираше Кенеди и Џорџ Буш Помладиот

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, денеска се обрати на Форумот за безбедност во Вашингтон, на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, а фокусот на дискусиите беше ставен на глобалната безбедност и зајакнувањето на трансатлантската соработка, соопшти кабинетот на Гаши.

Во своето обраќање, Гаши рекол дека посветеноста на Република Северна Македонија кон НАТО е силна и доследна, нагласувајќи дека ниту една држава не може самостојно да ја гарантира својата безбедност. Земјата активно придонесува во Алијансата, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку конкретни дела, вели собранискиот спикер.

„Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рекол Гаши.

Тој додал дека „Северна Македонија стои како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави“, потсетувајќи на пораки за единство и заеднички вредности искажани од поранешните американски претседатели Џон Кенеди и Џорџ В. Буш.

„Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната трансатлантска алијанса“, порача претседателот на Собранието.

Гаши го завршил обраќањето со порака на благодарност и со потврда за континуираната посветеност на земјата кон НАТО и партнерството со САД, информираат од неговиот кабинет.

Катар ќе поддржува надежни режисери наши, јави од арапската земја спикерот Африм Гаши

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот