Галикул: Награда „Тодор Чаловски“ за „Ќе фатит бран“ на Д.А. Лори

Новата поетска книга „Ќе фатит бран“ од поетесата Долорес Атанасова-Лори е добитник на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми. Наградата, како што соопштија од Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ и Галичката книжевна колонија, се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на нивниот основоположник и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945-2015).

Поетесата Долорес Атанасова-Лори е родена во 1974 во Германија, каде што го поминува своето најрано детство. Со нејзиното семејство се враќа во Охрид, каде што го завршува средното образование, а во 1993 во Скопје запишува студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее и работи во Скопје како професор по англиски јазик.

Песните на Д.А. Лори првпат биле објавени во „Букбокс“, по што следува соработка со издавачката куќа „Блесок“, за која во 2014 година ја издава својата прва збирка поезија „Будење во трето лице еднина“. Во 2016 од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог“, а во 2019 излегува нејзината трета книга „Небо во кафез“. Нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“ и е-книгата „Поетискон“, како и на страната на „Словокулт“, онлајн магазин за уметност и литература, и „Fixpoetry“, германска платформа за литература на интернет.

Долорес Атанасова-Лори е добитник на интернационалната награда „Антево Слово“, која за првпат беше доделена во 2017 во рамките на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија“. Досега нејзината поезија е преведена на германски, англиски, српски и шпански јазик.

Наградата „Тодор Чаловски“ има за цел да даде придонес во континуираното унапредување на современата македонска поезија и збогатувањето на македонската современа култура и, воедно, да ја промовира наградата „Тодор Чаловски“. Досегашни лауреати на наградата се Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Биљана Стојановска (2017/2018). Реализацијата на издавачката програма на „Галикул“ и традиционалната манифестација „Галичка книжевна колонија“ се подржани од Министерството за култура на РС Македонија и Месната заедница „Галичник“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот