Учесници на Галичката ликовна колонија во 2025 година

Галичката ликовна колонија е уникатен модел што ги поврзува современата уметност, традицијата и локалното наследство

Во Националната галерија – објект „Мала станица“, од 12 ноември е отворена изложбата на дела создадени во рамки на 35. и 36. издание на меѓународната ликовна колонија „Галичник“.

Биеналниот проект е насловен „Колективна културна меморија: Постмеморија“ и е кураторски концепт на д-р Ана Франговска, претседателка на колонијата. Соработник на биеналната изложба со елабориран есеј е д-р Натали Рајчиновска Павлеска.

Колонијата „Галичник“, со речиси четиридецениска традиција, претставува уникатен модел што ги поврзува современата уметност, традицијата и локалното наследство. Преку темите „Колективна култура на сеќавање“ и „Постмеморија – Ехо на тишината“, уметниците од Македонија и од странство истражуваат како личните и колективните мемории, трауми и премолчани приказни продолжуваат да живеат низ уметничките практики.

На изложбата се претставени дела од над дваесет уметници од Македонија, Австрија, Бугарија, Грција, Полска, Кипар, Србија, Косово, Холандија, Словенија и САД, реализирани во различни медиуми – слика, видео, објект, фотографија, текст и инсталација.

Со овој проект, колонијата „Галичник“ уште еднаш ја потврдува својата улога како лабораторија на културна меморија, критичко мислење и меѓународна соработка, создавајќи дијалог меѓу минатото и сегашноста, тишината и гласот, личното и колективното.

Посебна благодарност организаторите на колонијата упатуваат до Министерството за култура и туризам на РС Македонија, без чија континуирана доверба и поддршка не би бил можен повеќедеценискиот континуитет и опстојување на овој проект.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 307, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот