Галетановски поднел неотповиклива оставка, повеќе не е прв човек на СДСМ во Скопје
Ѓорѓи Галетановски поднел оставка од позицијата претседател на градската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во Скопје, објави ТВ „24“ повикувајќи се на висок партиски функционер од СДСМ.
Препорачано
Според функционерот, Галетановски поднел неотповиклива оставка и ја објаснил со „морални и лични причини“. Неговиот потег доаѓа по првиот круг од локалните избори, на кои СДСМ доживеа тежок пораз и освои само петмина советници во Град Скопје, додека кандидатката на партијата за градоначалник, Каја Шукова, не успеа ниту да влезе во вториот круг.
Официјално од опозициската партија потврдуваат само дека оставката на Галетановски, познат по прекарот Чомбе, е доставена на „Бихаќка“.
„Оставката е поднесена од лични и морални причини и доставена до партијата. Во однос на понатамошните одлуки органите на СДСМ ќе постапат согласно статутарните одредби на партијата, за што ќе ја информираме јавноста“, велат за ТВ „24“ од партијата.
Галетановски раководеше со градската организација на СДСМ во Скопје скоро точно една година, откако беше поставен на функцијата на 30 октомври лани.
Тој во јавноста последен пат беше актуелен во септември, кога му беше запален автомобилот.
Тој инаку е меѓу советниците кои беа избрани во новиот состав на Советот на Град Скопје. Тој во мандатот на Петре Шилегов беше директор на Зоолошката градина.


