ФРЧАТ ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: Реални потреби или партиски вдомувања

Од инспектори, до портпароли, архивари, благајници, социјални работници, даночници, сметководители, психолози, но и раководители на правни сектори, соработници со невладините организации. Ова се работните позиции кои деновиве ги бараат дел од oпштините и државите институции. Огласите кои ги разгледа „Слободен печат“ објавени само за овој месец се за над 200 вработувања. Објавени се на интернет страницита на Агенцијата за администрација, www.prijava.aa.mk. Најголемиот дел од нив се сè уште отворени. Во нив се нуди плата од 15.000 денари за почетниците, па се до 37.000 денари за повисоките работни позиции.

Најмногу побарувања за работници има градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко. Неговата општина распишала оглас за 30 државни службеници. И на скопскиот градоначалник Петре Шилегов му требаат 21 работник. Од нив најмногу инспектори. На охридскиот, Константин Георгиевски и на градоначалникот на Карпош Стефан Богоев им требаат по 10 нови работници. Општината Ресен распишала оглас за 8, а Делчево и Свети Николе бараат по еден вработен.

Огласи има и за вработувања во државните институции

Во огласот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој пишува дека им требаат 22 службенци. Министерството за правда распишало оглас за 9 нови вработувања. Од нив, еден ќе биде раководител на сектор за општи работи со плата од 37.631 денар, и 8 соработници за бесплатна правна помош во скопски Центар, Радовиш, Пробиштип, Кавадарци, Гевгелија, Македонски брод, Демир Хисар и Прилеп. За соработнците платата е 22.020 денари.

Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, бара 8 државни службеници, меѓу нив лектори и портпароли.

Антикорупциска комисја ќе вработува еден информатичар, и уште 4 јавни службеници,  Управата за финансиска полиција ќе го јакне секторот за човечки ресурси со 2 извршители од кој едниот ќе биде раководител, а другиот ќе му биде помошник. Во огласот стои дека платата на првиот е 37.630 ден а на вториот 32.765 денари. И Клинката за деца Козле распиша оглас за 4 службеници. Управата за финансиско разузнавање бара архивар, со плата над 15 илјади денари и да биде од турската националност. Драмски театар бара 3 вработени. Од нив еден да биде од ромска националност и двајца од албанска.

Според ВМРО-ДПМНЕ, новите огласи на општините и инстиутциите зачестиле откако партиите кај шефот на државата Стево Пендаровски се договориле за избори на 12 април догодина. Па така, од таму велат дека наместо европски вредности, сме биле сведоци на вандалско и расипничко искористување на буџетските пари за партиски цели. Од опозициската партија обвинуваат дека од 20.10.2019 година до денес, биле објавени над 1.200 јавни огласи за вработување, за над 2.200 извршители во институции, на определено и неопределено работно време.

СДСМ ги отфрла ваквите обвинувања и вели дека ВМРО-ДПМНЕ во континуитет е против се` што е во интерес на граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ е против минималната плата, против раст на платите во приватниот сектор. Времето на превработување на администрацијата поради партиски цели и добивање на повеќе гласачи за избори ќе остане запаметено како времето на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, секоја институција вработува според индивидуалните потреби, дали за нови работни позиции поради зголемен обем на работа и формирање на нови сектори, како и замена на постоечките со нови вработени поради пензионирање“, велат во СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот