ФОТО+ВИДЕО | Универзална сала забрзано ќе се гради за да стигне за настаните во 2028 година
Отстранети биле сите административни и правни пречки за да продолжи реконструкцијата, обезбедени се 20 милиони евра за изградба и салата треба да биде готова до крајот на 2027 година во пресрет на Скопје – Европска престолнина на културата 2028
По две години од пожарот што ја зафати Универзална сала среде реконструкција, по што сосема замреа активностите за нејзината обнова, сега конечно работите ќе продолжат и како што ветува министерот за култура Зоран Љутков, салата треба да ги отвори вратите за посетители до крајот на 2027 година или најдоцна до почетокот на 2028 година и да стане дел од настаните по повод Скопје – Европска престолнина на културата.
Препорачано
Досега активностите биле замрени за да се отстранат административните и правните пречки што постоеле.
Имаше правни пречки, имаше административни пречки бидејќи имаше поделено стопанисување со Универзална сала помеѓу Град Скопје и Министерството за култура, не се знаеја точните прецизни насоки за тоа кој е одговорен во овој момент. Штом ги решивме сите пречки продолживме со целата процедура. Во овој момент Министерството за култура преку Владата е инвеститор на салата по принципот „клуч на рака“, за разлика од минатото кога, како што знаете беше поделена на три фази – рече денеска министерот Љутков на почетокот на градежните работи на салата.

За реконструкцијата се обезбедени 20 милиони евра од Владата преку Министерството за култура.
Од Универзалната сала во моментот е останата само железна конструкција, која нема да се менува затоа што не била оштетена од пожарот.
Направивме неколку испитувања, првите две нарачани од самиот изведувач, а за да бидеме сигурни, на почетокот на 2025 година нарачавме уште едно испитување и резултатите покажаа дека нема никаква опасност за челичната конструкција – објасни министерот.
Во однос на изгледот на Универзална сала, според проектот се задржува структурата и ликот на поранешната сала, но се внесуваат нови материјали и содржини, направени се некои измени на влезот, на сцената, но ќе биде поставена и современа звучна изолација која при идни настани во салата ќе спречи вознемирување со бучава на станарите од околните згради.

Универзалната сала е еден од култните симболи на градот и дел од колективната меморија на скопјани во која на времето се одржувале најзначајните музички и други културни настани. Затоа, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, нејзината обнова не значи само реконструкција на една зграда, туку враќање на еден важен дел од душата на Скопје.
Овој проект претставува еден од клучните чекори во подготовките на Скопје за освојување и достојно носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028. Со обновениот изглед, Универзалната сала ќе прерасне во модерна, функционална и репрезентативна културна институција, способна да биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и други значајни културни настани – вели Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека по завршувањето на реконструкцијата, објектот ќе биде целосно предаден во владение на Град Скопје, како простор кој повторно ќе им служи на граѓаните, на уметниците, на младите и на сите генерации што ја сакаат културата.
Универзална сала ќе ја гради градежното друштво „Универзал Балкан“ од Скопје, фирма која го доби тендерот на Министерството за култура и туризам како најповолен изведувач. Станува збор за истата фирма што од почетокот работи на реконструкција на салата и која првично беше ангажирана од Град Скопје, а потоа кога изградбата премина во рацете на Министерството за култура и од Министерството.
Во техничките податоци на последниот јавен повик со кој се бараше изведувач беше наведено дека новата Универзална сала ќе ја задржи постојната форма, но ќе биде целосно модернизирана со капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи. За да се подобри структурната стабилност на објектот и да се зголеми енергетската ефикасност на објектот, планирано беше изработка на нова челична конструкција со изведба на нови темели за новите столбови, нова челична конструкција за куполата, изработка на нова фасадна облога, покривање на куполата со нови енергетско-ефикасни материјали, но и проверка на јакоста на постојната бетонска и на употребливите елементи од постојната челична конструкција. Сепак, како што соопшти Љутков, челичната конструкција нема да се менува.
Од многу „реконструкции“, Универзална сала остана само железен костур
Инаку, годинава во март се навршија точно 11 години откако од таванот на Универзална сала падна парче додека во неа се одвиваше партиска трибина на СДСМ, поради што таа беше затворена за какви било настани додека не се реконструира. По повеќегодишни планови, проекти и подготовки, реконструкцијата формално започна во јуни 2021 година, во мандатот на Петре Шилегов, на само неколку месеци пред локалните избори. Потоа градоначалничката Данела Арсовска ја запре изградбата тврдејќи дека има грешки во проектот.

По подолг застој, откако Градот не најде начин да ја продолжи реконструкцијата, советниците во Советот на Град Скопје изгласаа изградбата да ја продолжи Министерството за култура, предавајќи му ја салата во привремена надлежност.
Тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во февруари 2024 година ја продолжи реконструкцијата, но само два месеца подоцна пожар го изгоре сето дотогаш изградено и останаа само металните конструкции.
Оттогаш реконструкцијата е сосема запрена, а министерот Љутков тврдеше дека тоа е направено оти дотогаш се работело незаконски и нелегално. Потоа следуваа измени на Законот за култура, па ревизија на проектот и скенирање на постојната конструкција и конечно – изградбата продолжува.
Силен мотив за овој пат реконструкцијата конечно да заврши е токму титулата Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година.


