ФОТО+ВИДЕО | Пакет пелени чини повеќе од казна за 20 исечени дрвја во Скопје

Исечени дрвја / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

На оскудното зеленило што го има Скопје, секоја нова сеча на дрво е „рак-рана“ за жителите на градот. Ниските казни за бесправно сечење на дрвја на приватна парцела дополнително го потхрануваат пустошењето на зелените површини низ метрополата. Доколку без дозвола од Градот исечете дрво на приватна парцела, ќе треба да платите казна од 50 евра, а ако сте во можност да ја платите во рок од седум дена, казната ќе ви ја преполоват на 1500 денари.

 

„За да да се согледа колку е мизерна ситуацијата, казната кај нас не изнесува 3000 денари по исечено дрво“, вели еден револтиран скопјанец, чии пресметки покажале дека едно пакетче пелени чини повеќе од казна изречена за бесправно исечени 20 дрвја на една парцела во главниот град.

Исечени дрвја / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

 

Скопје остана без уште неколку дрвја кои го красеа центарот на градот. Во срцето на Скопје, во близина на Грчка амбасада, една мала оаза преку ноќ се претвори во шут, вели Миливоје Арсовски, поранешен директор на ЈП „Паркови и зеленило“, станар во зградата којашто се наоѓа непосредно пред парцелата што е преполна со искастрени дрвја и гранки.

– Ова беше едно мало паркче, оаза на зеленило, Општина Центар го одржуваше зеленилото, но за жал сликите сега ни го покажуваат спротивното. Се работи за приватно земјиште. Пред извесно време сопственикот добил дозвола за кастрење на гранки, неговото образложение е дека тука се собирале наркомани. Ние како станари на зградата немаме тука што да се буниме, ја добил дозволата, нека ги кастри, негово е земјиштето, но тој не ги скрои гранките, туку изврши бесправна сеча на голем број стари дрвја, а другите ги (унакази) нагрди – вели Арсовски пред камерата на „Слободен печат“.

 

Едно дрво покрива сто метри квадратни трева во однос на хортикултурното живеење, додава Арсовски, кој е видно разочаран за тоа што се случило пред неговиот дом. Тој е станар на оваа зграда од 70-те години на минатиот век и досега не сведочел за ништо слично. Поентира дека секое зелено парче е од огромна важност за Скопје.

Dozvola kastrenje drva

Арсовски вели дека стравуваат од змии, како и од пожари, бидејќи на ова топло време овие исушени дрвја претставуваат опасност.

– Деновиве овде ќе забележите како се кријат бездомници, а тоа се наоѓа под нашите прозорци, тераси. Стравуваме на овие високи температури од пожари, овде е доволно едно мало чкорче и да пламне. Да не помислам и на змиите за кои ова место може да стане прибежиште – вели Арсовски.

Исечени дрвја / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Сите станари од оваа зграда се согласни дека сакаат веднаш да се исчисти овој простор.

– Она што се случува во дворот до нашата зграда е загрижувачки. Сведоци бевме на бескрупулозно сечење на дрвјата, а сите плачеме за дрвја во градот. Се исекле дрвја стари 30 години. Особено во Центарот на Скопје. Шутот што е останат, не само што личи на депонија во центарот на градот, туку и предизвикува опасност. Прво, минувачи фрлаат секаков отпад и мириса. Второ, гранките се сушат и постои голема опасност од пожар. Дури некои соседи стравуваат од змии и инсекти. Од прекрасно место за живеење стана хорор-филм – вели М.Д.

Станарите контактирале со сопственикот на парцелата, кој ветил дека набрзо по работата ќе ги отстрани остатоците, но и по изминати месец дена местото останува исто без ниту една отстранета гранка.

Исечени дрвја / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Маријан Јованов е сопственикот на парцелата. „Слободен печат“ стапи во контакт со него, а тој изненаден ни одговори дека во моментов поради здравствени причини не е во можност да го исчисти просторот.

– Еве и сега во моментов додека зборувам со вас чекам ред во болница. Имам повреда на ногата и не можам да се движам, затоа се пролонгираше работата. Искрено да ви кажам, и мене ми тежи и сакам да го завршам. Штом се заздравам, тоа ќе биде прво нешто што ќе го завршам. Не сум сечел дрвја, само кастрев гранки, едно дрво беше исечено по грешка, но тоа беше веднаш регулирано со Град Скопје – рече тој во телефонски разговор.

Уште еден револтиран станар од оваа зграда се обрати во нашата редакција. Според П.В., небулозни се законските регулативи по однос на градското зеленило. За да биде помизерна ситуацијата, кај нас казната не изнесува 3000 денари по исечено дрво, вели нашиот соговорник, туку во рок од месец дена лицето може да сече дрвја колку што сака во склоп на изречената казна од 1500 денари.

– За 25 евра секој може да исече 20 дрвја за еден месец, во тој случај казната би излегла околу едно евро по дрво. Па едно пакување пелени за деца чини повеќе од казна за исечени 20 дрвја! Спроведени се многу истражувања од познати универзитети за позитивниот ефект на дрвјата врз здравјето на луѓето (посебно за намалување на температурата во летниот период, прочистување на воздухот) па се прашувам како е можно да постои регулатива којашто дозволува едно лице да го наруши здравјето и квалитетот на животот на милион жители за 25 евра? Посебно во град каде што дрвјата веќе се бројат на прсти – вели П.В.

Исечени дрвја / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Побаравме, неколкупати, објаснување и одговори од Град Скопје околу висината на казните кои ги предвидува Законот, дали, како и кој ги контролира нашите градски дрвја, но до овој момент не добивме одговор.

Казните за бесправно сечење на дрвја во други држави:

Австрија – од 42.000 евра

Германија – до 50.000 евра

Канада – до 100.000 долари

Австралија – од 1.100.00 долари

Обединетото Кралство – високи парични казни и казна затвор

Делови од Законот за урбано зеленило

 

Член 29
(1) Постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење на оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење, започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност.
(2) Врз основа на поднесеното барање од ставот (1) на овој член, општината или градот Скопје се должни во рок од седум дена да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“).
(3) Со решението од ставот (1) на овој член се определува извршителот и рокот во кој истото ќе се спроведе, согласно со Правилникот од од членот 12 став (3) од овој закон.
(4) Против решението од ставот (3) на овој член може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Член 31
Заштитени се сите дрвја, како од јавните така и од приватните површини, со обем на стебло над 40 цм, мерено во висина од 1,3 м, освен овошките, дрвјата во малите градини и дрвјата во шумите.

Член 35
(1) Корнење, сечење и кастрење дрвја, грмушки и жива ограда на останатите зелени површини, меѓу кои и на површините на дворните места на индивидуално и колективно домување, се врши согласно со членот 29 став (2) од овој закон.
(2) Сопствениците на зелени површини покрај сообраќајници, тротоари, велосипедски и пешачки патеки се должни да го одржуваат зеленилото и редовно да ги кастрат гранките и живата ограда кои му пречат на безбедното одвивање на сообраќајот или движењето на минувачите и да го одржуваат комуналниот ред.
(3) Комуналниот инспектор е должен да го опомене сопственикот на зелените површини од ставот (2) на овој член, да ги исполни своите обврски во рок од седум дена, во спротивно работите од ставот (2) на овој член, ќе ги изврши вршителот на одржувањето на јавните зелени површини на сметка на сопственикот на зеленилото.

Член 46

Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице кое е сопственик на зелената површина ако редовно не ја одржува согласно со членовите 25, 27 и 28 од овој закон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот