Фото: Слободен печат/Ана Јанева

ФОТО+ВИДЕО| Четири децении музика, овации и емоции: „Макфест“ испиша уште една музичка историја

Во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, градот кој четири децении ја чува најубавата музичка традиција, заврши уште едно, овојпат јубилејно, 40-то издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2025“.

Годинешната трета вечер беше вистинска ретроспектива на македонската естрадна историја вечер, посветена на безвременските евергрини, на песните со кои пораснаа многу генерации и на ѕвездите што токму овде, на оваа сцена, го запишаа своето име во македонската музичка историја.

Штипската сцена, која со години е храм на македонската песна, повторно блесна во најубаво светло. Публиката, емотивна и горда, со громогласен аплауз го поздрави Трајче Манев и неговата песна „Осамен“, а потоа се редеа звуците на „Признавам“, „Самба во Штип“, и нежната балада на Силви Бенд – „Ангели ме носат“.

Силвија Мучиќ – Плевнеш се наврати на своите први чекори токму на оваа сцена, далечната 1991 година, потсетувајќи се на магијата на фестивалот кој создава спомени што не избледуваат. За „Слободен печат“ таа ги сподели своите спомени кога за првпат застана на макфестовската сцена, и се претстави токму со оваа песна.

Публиката едногласно пееше и со Сашо Гигов – Гиш и неговата „Моја гитара“, Олгица Христовска и нејзината изведба на „Свирете ја Зајди зајди“, а емоциите продолжија со Емил Канавор и Дарко Андоновски во „Тања“.

Секогаш харизматичниот Мики Јовановски – Џафер повторно го оживеа вечниот хит „Сонце за три светови“, песна што од 1993 година до денес останува симбол на макфестовската душа. И денес, Џафер со ист жар за „Слободен печат“, зборуваше за хитот кој и денес буди емоции при секој нејзин отепан тон.

На сцената потоа блесна и Тања Кочовска со „Твоите очи сини“, која, иако актерството го одбра да биде нејзина примарна професија, вели дека е неповторливо чувството по толку години повторно да се појави на „Макфест“ и да евоцира спомени.

Еден од најемотивните моменти беше настапот на Владо Јаневски со легендарната „Еден бакнеж“. Салата пееше во еден здив со една од најголемите ѕвезди на македонската музичка сцена, која и денес има огромна почит од публиката, а секое негово појавување не останува незабележано. За него, оваа бројка од 40 години е импозантна, а она што е интересно е дека токму на сцената на „Макфест“ започнало и неговото музичко патување.

Следеа настапи на Коки Јанков со „Виолина и гитара“, Ристо Самарџиев со „Таму кај што си“, Бојана Скендеровски со „Љубов се пишува“, Јован Јованов и Маја Саздановска со „Магија“ и „Ти ме сакаш, знам“, како и Ламбе Алабаковски со „Не планирам“.

Вечерта ја заокружија Пајак и Лара со „Бела“, песната што постави рекорд со над три милиони прегледи на Јутјуб, доказ дека „Макфест“ и денес создава хитови што допираат до новите генерации.

На самиот крај, во знак на благодарност и почит, беа доделени плакети за особени заслуги на уметничките директори кои низ годините го обликуваа овој фестивал: Кирил Милев, Славе Димитров, Љупчо Мирковски, Валентино Скедеровски, Кристијан Габровски, Драган Мијалковски, Оливер Арсовски, Владимир Дојчиновски и сегашниот Роберт Саздов.

Четири децении песни, спомени, насмевки, солзи и аплаузи.

Четири децении „Макфест“ фестивал што ја негува македонската песна, што ги соединува генерациите и што секогаш потсетува дека љубовта кон музиката е најубавото нешто што можеме да го оставиме зад себе.

И годинава, како и секогаш, „Макфест“ блесна во своето најубаво руво. Нека трае оваа приказна уште многу години, зашто додека постои песната, постои и „Макфест“.

Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева
Фото: Слободен печат/Ана Јанева

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот