Фотографија на Бранислав Бркиќ

Фотографии од Сибирска Тофаларија на Бранислав Бркиќ се изложени во „Галерија Рудиќ“

Во „Галерија Рудиќ“ на 24 октомври, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии на познатиот српски фотограф Бранислав Бркиќ. Изложбата е со наслов „Сибирска Тофаларија“ и ќе трае до 15 јануари 2025 година.

Во пространствата на големиот Сибир има многу помали области кои се тешко достапни, дури и за локалното население. Тофаларијa е една од тие и се наоѓа во делот на планините Сајан, западно од градот Иркутск во близина на границата со Монголија.

Во областа Тофаларија има три населби: Верхњаја (Горна) Гутара, Алигџер и Њерја. Тоа е единствената населена област во Русија со Тофаларите, мал автохтон народ со население од околу 700 (седумстотини) жители. Во заедницата со Тофаларите живее уште толкав број Руси, кои првпат се доселиле во Тофаларија во триесеттите години од минатиот век.

Фотографија на Бранислав Бркиќ

Тофаларија е оддалечена околу 600 километри од Иркутск, покриена е со непроодна тајга низ која минуваат голем број планински реки и има површина од околу 20 илјади квадратни километри. Не е можно да се стигне до оваа област со воз, автобус или со кола, нема патишта. Само специјални теренски возила повремено можат да најдат пат низ тежок терен.

Најголемото село Алигџер е оддалечено 200 километри од најблискиот град Њижни Новгород, од каде што лета четири или пет пати месечно хеликоптер МИ-8 со 20 патници, под услов да се поволни временските услови. Билетот мора да се резервира со месеци однапред, на локалното население му се дава приоритет.

– Во современиот свет, кој е преплавен со слики и брзи информации, изложбата „Сибирска Тофаларија“ претставува оаза на смиреност и уникатно патување низ простори кои се далеку од метежот и вревата на модерниот живот. Фотографирајќи сцени кои не се само визуелно привлечни, туку и длабоко емотивни и промислени, Бранислав Бркиќ, инспириран од естетиката и стилот на фотографите на „National Geographic“, успева да ја долови суштината на тие оддалечени области, не наметнувајќи ги своите фотографии на гледачот, туку преку нив внимателно го воведува во универзум проткаен со чисти емоции, спокојство и хармонија.

Овие фотографии се медиумот преку кој авторот го пренесува мирот, спокојството и раскошот на тие заборавени светови. Тие се прозорци низ кои можеме да ја видиме душата на луѓето кои живеат едноставен, но исполнет живот.

Фотографија на Бранислав Бркиќ

Секоја фотографија е како рамка од филм која остава длабок впечаток, создава чувство дека штотуку сме излегле од киното исполнети со спокојство и задоволство. Емоциите, мирисите и звуците на тие идилични простори лебдат во воздухот, правејќи нè да сакаме да бидеме дел од тој свет, да се движиме меѓу тие луѓе, да го доживееме тој бавен живот без брзање.

Изложба „Сибирска тофаларија“ не е само збирка фотографии; тоа е филозофска медитација за животот, мирот и убавината скриени во едноставноста. Бркиќ нѐ поканува да ѕирнеме во свет кој е искрен, суштински убав и длабоко емотивен – посочува фотографот Боро Рудиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот