Фотографии од циклусот „Луѓето од долината Омо“ на Киро Урдин се изложени во романскиот град Бузау
Европската турнеја на изложбата на фотографии на нашиот еминентен мултимедијален уметник Киро Урдин продолжува во Бузау, Романија. Во новиот дел на Окружниот музеј, од 20-ти ноември романските љубители на уметноста ќе можат да уживаат во уметничките фотографии продуцирани од Урдин вдолж реката Омо, на југот на Етиопија, за време на неговите чести патувања на црниот континент.
Препорачано
Во најавата за „Луѓето од долината Омо“, како што е насловена изложбата, директорот на музејот, Думитру Костаке, забележува: „Овој изложбен проект му припаѓа на извонредниот македонски артист Киро Урдин, кој си постави за цел да изненади со автентичноста на човечкото битие, недопрено од сите вознемирувачки елементи на развиеното општество, кое тежнее овие зони на човечкиот хабитус да ги монополизира во борбата за нови ресурси“.
Изложбата на Киро Урдин ќе биде поставена до јануари 2025 година, курирана е од Теа Теохаревска, а комесар е Јане Теохаревски.


