Благоја Чоревски и Игор Стефановски пред споменикот на Горан Стефановски во Дебар маало / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

ФОТО | Во Дебар Маало одбележан роденденот на Горан Стефановски: „Горан е тука – во зборот и во сцената што никогаш не згаснува“

Кај спомен-клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало, во организација на Општина Центар, попладнево беше одбележан неговиот роденден со богата културна програма.

Настанот го отвори градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој порача дека Стефановски останува траен дел од македонската културна меморија.

„Горан е тука – во зборот, во мислата, во сцената што никогаш не згаснува“, истакна Герасимовски.

Горан Герасимовски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Синот на Горан Стефановски, Игор, потенцираше дека му е посебна чест што од година во година се организираат вакви убави настани.

„Тато, нека ти е среќен денот на раѓањето. 74 години. Мислам дека кога некој веќе не е меѓу нас, не го славиме роденденот, туку го одбележуваме денот на неговото раѓање“, рече тој.

По неговото обраќање, хорот „Мирче Ацев“ ја изведе „Јано, мори“ – песна која била една од омилените на Стефановски.

Игор Стефановски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Програмата продолжи со разговор на неговиот син, Игор Стефановски, со актерот и негов долгогодишен пријател Благоја Чоревски – Чоре.

Во текот на настанот хорот ја изведе и „Strawberry Fields Forever“ од „Битлси“, по што настапија младите музичари од џез формацијата „Трицикл“.

Публиката имаше можност да проследи и изведби на делови од драмските дела на Стефановски, додека хорот повторно настапи со песната „Петлите пеат“.

Хорот „Мирче Ацев“ / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Во завршницата, Игор Стефановски разговараше и со новинарката Марија Зафировска, а настанот беше заокружен со музички сет на диџеј Шурбе.

Настанот, во режија на Војо Цветановски, беше замислен како отворена средба на пријатели, уметници и граѓани, со порака дека делото на Стефановски продолжува да живее во културата, во градот и во луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот