Фото: Приватна архива

ФОТО | Во Аеродром зонски се регулира „див“ паркинг кој целосно го блокира тротоарот

Жителите на улицата „Коста Новаковиќ“ очекуваат Општина Аеродром да пронајде начин или простор каде би можело да се направи уште еден или повеќе големи паркинзи за да се ослободат тротоарите

На улицата „Коста Новаковиќ“ во Аеродром, која започнува од булеварот „Трета македонска бригада“, потоа води кон кружниот тек и покрај поликлиниката „Јане Сандански“, паркирањето е донекаде добро регулирано со многубројни зонски и приватни паркинзи, но оваа „паркинг идила“ завршува кај крстосницата со улицата Владимир Комаров, од каде што започнува едно поголемо сообраќајно безредие – автомобили паркирани среде улица, на тротоарите и низ зелените површини.

Пешачките патеки целосно блокирани

Жители што живеат во населбата Аеродром секојдневно се соочуваат со овој проблем поради кој немаат ниту паркинг ниту можат слободно да се движат по пешачката патека бидејќи таа е узурпирана од возила.

– Веднаш по крстосницата со „Владимир Комаров“, улицата е „под опсада“ од десетици автомобили, а во иста ситуација е и тротоарот. Од две ленти сега има една по која се движиме со автомобилите, а тротоарите се практично неупотребливи бидејќи на нив деноноќно има паркирани автомобили – вели жителка што живее во една од зградите сместени на споменатата локација.

Таа се пожали дека ситуацијата постојано се влошува, зградите се полнат со станари, а паркиралиштата се ограничени, односно нема паркинг за секој автомобил.

Фото: Приватна архива

– Има само еден поголем паркинг каде што се паркираат дел од соседите, но останатите паркинзи се многу помали и не се доволни да ги услужат и да ги сместат автомобилите на сите станари, во овој реон се потребни уште најмалку два големи паркинзи за да можат и возачите да имаат каде прописно да го остават својот автомобил, а воедно и да се ослободат тротоарите за пешаците да можат непречено да се движат -додава жителката.

Паркинг зона на пешачка патека

Навистина интересен е начинот на кој Општината и ЈП „Градски паркинг“ го решиле овој проблем со десетиците непрописно паркирани автомобили, а тоа е со поставување табли за зонско паркирање на тротоарите, за кои не треба и да се спомене дека се наменети за пешаци, но на „Коста Новаковиќ“ во Аеродром тие се легални паркиралишта каде што доколку сакате да се паркирате, само треба да испратите СМС-порака и паркирањето е започнато, а сето тоа секако е законски бидејќи тој простор е предвиден за зонско паркирање и со него стопанисува ЈП „Градски паркинг“.

Фото: Приватна архива

На фотографиите што ни ги испратија граѓани што живеат на оваа локација, можат да се забележат десетици автомобили паркирани на тротоарот, а има и дел од возачите што своите автомобили ги паркираат на „косо“, во исто време и на тротоар и на зелена површина, веројатно оставени без слободно место за паркирање и без ниту една алтернатива, со што овој тип непрописно паркирање бил единствената опција за станарите и со текот на времето станал секојдневна практика.

Истовремено додека ова се случува и постои во Скопје, новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски изјави дека тротоарите веќе нема да се третираат како паркинзи, а како начин на кој ќе се спречи „дивото“ паркирање, тој најави поставување метални столпчиња.

– Екипите на Градот интервенираат со ладен асфалт за затворање на ударните дупки на булеварите и на улиците, брзи зафати што се неопходни поради зимските услови. Напролет, кога временските услови ќе дозволат, се планира темелна и целосна обнова на коловозите. Истовремено со асфалтирањето, се ослободуваат тротоарите за пешаците преку поставување столпчиња. Тротоарите не се паркинзи и повеќе нема да дозволиме така да се третираат – изјави градоначалникот пред два дена.

Нема одговор ниту од Општината, ниту од „Градски паркинг“

Додека Ѓорѓиевски најавува дека ќе се поставуваат столпчиња на сите узурпирани тротоари, претпријатието што е под негова „палка“, ЈП „Градски паркинг“, не одговара на прашањата на „Слободен печат“ како одлучиле да направат зонски паркинг што ќе се протега на тротоар и како може тоа да е легално.

Оттаму, за жал, повторно, веќе трет или четврти пат не одговараат на нашите прашања, иако беше најавено дека сите претпријатија ќе бидат „ослободени и целосно отворени за медиумите“, но засега практика останува непроменета – „радио тишина“ без одговори за проблемите кои ги засегаат граѓаните.

Фото: Приватна архива

Истовремено, одговор нема ниту од Општина Аеродром зошто досега не се поставени метални столпчиња во должина на тротоарите на оваа улица и како дозволиле зонско паркирање и обележани паркинзи на пешачка патека.

Исто така, оттаму најавија дека ќе се менува сообраќајот во населбите Мичурин и Стар Аеродром, каде што едната лента од двонасочните улици ќе се користи за паркинг, а сообраќајот ќе се одвива во една насока, со што ќе се олесни паркирањето на многу аеродромци, а воедно и ќе се ослободат тротоарите и пешачките патеки од непрописно паркираните автомобили.

Зоните на „Градски паркинг“ го освојуваат Скопје, ќе се шират низ Карпош, Аеродром, Чаир и Гази Баба

Жителите на „Коста Новаковиќ“ очекуваат Општината да „фрли око“ и кон нивното маало, каде што автомобилите се паркираат на секое ќоше и да пронајде начин или простор каде што би можело да се направи уште еден или повеќе големи паркинзи за да се ослободат тротоарите. Тие побараа и Град Скопје да ги разгледа овие табли во Зона Д, кои се наместени и го регулираат паркирањето по аеродромските тротоари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот