Фото | Штекли не разбира за што е обвинет, а другите не се чувствуваат виновни
Познатиот лик од скопското подземје Раде Трајковски Штекли на кого му се суди за трговија со дрога не се произнесе дали чувствува вина и пред судот тврдеше дека не го разбира обвинението против него, иако судечкиот совет пресече дека Штекли е способен да го следи судењето и дека нема психичка болест.
Препорачано
И покрај тврдењата на обвинетиот Раде Трајковски Штекли дека има свој имагинарен учител, дека имал змии во главата, дека го следи албанска мафија и полиција, овие тврдења на Штекли не му „поминаа“ пред Судот, а на денешното рочиште пак пред судот зборуваше нелогичности и беше речиси цело време легнат со главата на маса.

Психијатарката Оливера Суботин Поповска го убедила судот дека Штекли има шизодни карактеристики на личноста, но нема никакво психичко растројство и е способен да го следи судењето. Според судијата, вештачењето на неговиот психијатар Ѓорге Ангелковски не е контрадикторно со другото вештачење бидејќи и тоа вештачење не дава дијагноза за трајна, душевна болест, но вели дека неговиот психијатар е пристрасен.
Другите обвинети од групата Петар Златановски, Стефан Китанов, Александар Вучевски, Стојан Миланов и Филип Таневски за разлика од Штекли рекоа дека го разбираат обвинението, но не се виновни, а Миланов тврдеше дури и дека е наместен.
Јавната обвинителка Верица Бержетска Крстевска, во воведен збор рече дека групата била добро организирана и вршела набавка, транспорт и продажба преку синџир на посредници и сето тоа под команда на Штекли од 2024 до 2025 година.
– Штекли бил во контакт со лица од странство и домашни посредници, кои ја договара првичната набавка на кокаин, комуницира со неколку обвинети и осомничени и на истите им дава насока и упатство за проширување на мрежа. При претрес на домот и возилото, и комуникацијата од мобилниот уред се пронајдени бројни докази кои го потврдуваат неговото раководно и централно однесување во набавката на дрога – нагласи обвинителката Крстевска.

Групата, како што нагласи Обвинителката била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана и дејствувала во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година.
-Со сите предложени докази Обвинителството ќе докаже дека обвинетите се виновни за кривичните дела, односно дека сториле неовластено производство и пуштање во промет на недозволено дроги – рече Крстевска.
Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски, во воведен збор рече дека ќе докаже дека Трајковски не формирал, ниту се здружил со група за недозволена трговија со дрога.
-Трајковски ниту организирал група, ниту се здружил со некого, ниту давал некакви наредби. Обвинителството се повикува на некакви докази обезбедени со ПИ мерки, но во нив нема ниту еден за тоа дека Штекли давал било какви инструкции за овие лица. Прашање е дали некој постапувал по наредба на Првообвинетиот или тоа се склоп на дејствија. Тука се поставува и прашањето за надлежноста на ОЈО ГОКК по предметот – изјави Дуковски.
Според одбраната, не може да станува збор за организирана криминална група со оглед дека добар дел меѓу себе ниту се познаваат, како и дека на дел од обвинетите им се става на товар дело за, како што велат, незначителни количини дрога, под еден грам.
Според Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.


