ФОТО | Првиот хуманоиден робот положи завети и стана дел од будистичка заедница
Под покрив од хартиени фенери распослани низ Храмот Џогје во центарот на Сеул, група монаси од Редот Џогје, најголемата будистичка заедница во земјата, седеа спроти кандидат кој чекаше да положи завети, со таа разлика што стануваше збор за првиот хуманоиден робот во земјата што учествува во ваков обред, објави „Јонхап“.
Препорачано

Облечен во едноставни црни чевли и традиционална сива и кафеава облека на будистичкиот ред, роботот висок 1,3 метри стоеше пред монасите додека се обврзуваше дека ќе му се посвети на будизмот на церемонијата одржана во средата, во пресрет на роденденот на Буда подоцна овој месец.

Роботот ги спои рацете и се поклони пред монасите што го водеа обредот, додека еден од нив внимателно му стави бројаница со 108 монистра и прикачи налепница наместо традиционалниот ритуал во кој се допира раката до жар од темјан.
„Ќе му се посветиш ли на светиот Буда?“ праша еден од монасите.
„Да, ќе му се посветам,“ одговори роботот со јасен глас.„Ќе му се посветиш ли на светото учење?“ продолжи монахот.
„Да, ќе му се посветам,“ одговори роботот.
Потоа монахот ги изложи петте завети, односно основни правила според кои треба да живее будист, но прилагодени за робот. Тие вклучуваат почитување на животот и негово ненарушување, неизвршување штета врз други роботи и предмети, следење на луѓето без спротивставување, избегнување измамничко однесување или говор, како и штедење енергија и избегнување прекумерно полнење.

На роботот му беше дадено будистичкото име Габи. Сонг Вон, кој е задолжен за културни прашања во Редот Џогје, објасни дека името потекнува од Сидарта и корејскиот збор за милосрдие.
„Се обидовме да дадеме име што не е тешко за изговор и не звучи старомодно, туку име што го симболизира ширењето на милосрдието на Буда низ светот,“ изјави тој за новинската агенција „Јонхап“.
Во честитката по повод настанот, Сонг Вон изрази надеж дека обредот ќе послужи како повод општеството да научи да коегзистира со роботите.
„Кога хуманоидните роботи првпат се појавија пред три години, помисливме дека би било убаво робот да учествува во Јеонденгхое, и ова е првиот чекор,“ рече тој, мислејќи на традиционалната парада со фенери што се одржува секоја година за одбележување на Роденденот на Буда.
„Во оваа фаза можеби изгледа малку необично… но се надеваме дека овие пет завети ќе се сметаат за основни принципи не само за будистите, туку и за општеството во заедничкиот живот со роботите,“ додаде тој, посочувајќи дека при нивното формулирање биле користени и платформи за вештачка интелигенција.
Габи ќе учествува на фестивалот со фенери подоцна овој месец, заедно со уште три будистички роботи: Сокја, Мохи и Ниса.


