ФОТО | Поројни дождови предизвикаа наноси од кал во Љубојно – жителите повторно предупредуваат на последиците од голата сеча
Обилните дождови што синоќа ја зафатија Преспа беа причината за поројните води кои течеа низ улиците на селото Љубојно, носејќи кал и земја од ридот над селото, каде минатото лето беше извршена гола сеча на околу 1.500 кубни метри дабова шума од манастирскиот атар.
Препорачано

Жителите велат дека ваквите појави се повторуваат по секој пообилен дожд уште од летото 2025 година, кога започна сечата. Според нив, отстранувањето на шумата директно придонело за ерозија на земјиштето и неконтролирано слевање на водата кон селото.
Протестираа жителите на Љубојно, велат дека концесионерот ја сотрел шумата над селото
„Ако сечата не беше запрена, штетите ќе беа многу поголеми. Ова ни се случува при секој дожд и живееме во постојан страв“, велат мештаните, предупредувајќи дека се загрозени куќите, дворовите и локалната инфраструктура, пренесува СДК.мк.
Сечата беше ставена во мирување кон крајот на декември 2025 година, по четиримесечни протести на жителите кои траеја вкупно 128 дена. Тие секојдневно се собираа барајќи итен прекин на активностите и измена на Посебниот план за стопанисување со шумите за шумско-стопанската единица „Пелистер–Брајчино“ за периодот 2024–2033 година, изработен од ЈП „Национални шуми“, а одобрен од надлежните институции.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство тогаш информираа дека е побарано експертско мислење за последиците од сечата и проценка на ризиците по населението, имотите и локалната инфраструктура, најавувајќи дека по добивањето на анализите ќе следуваат соодветни мерки.

Жителите на Љубојно сега повторно апелираат надлежните институции побрзо да реагираат, предупредувајќи дека секој нов дожд ја влошува состојбата и ја потврдува нивната загриженост од можни поплави и одрони.


