Фото: Монтажа

ФОТО: Поднесена кривична пријава против Орце Ѓорѓиевски за дозволување дивоградби во Драчево — кандидатот за градоначалник на Скопје негира вина

Според документите до кои стигна „Слободен печат“, општината имала решенија за рушење на дивоградбите уште во 2023 година, но ниту една не била отстранета. Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, пак, за „Слободен печат“ тврди дека објектите биле урнати и приложи видеа како доказ. Сепак, фотографии направени денеска фрлаат сомнеж врз неговата верзија.

Во Основното јавно обвинителство – Скопје е поднесена кривична пријава против градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, со која се товари за непостапување по службена должност и толерирање дивоградби во населбата Драчево, покажува документацијата до која дојде „Слободен печат“.

Пријавата опфаќа два одделни случаи на незаконито градење.

Првиот се однесува на објект, изграден на државно земјиште предвидено како комуникациска улица, а вториот – на два објекта на „Скопски пазар“, подигнати надвор од дозволата за градба и важечкиот урбанистички план, на приватна парцела во рамки на новиот пазарен комплекс.

Фотографија од кривичната пријава против Орце Ѓорѓиевски

 

Според поднесената кривична пријава, Ѓорѓиевски се товари дека во периодот од февруари 2023 до мај 2025 година ги пречекорил службените овластувања и свесно толерирал бесправно градење на две локации во населбата Драчево.

„Слободен печат“ се обрати до Основното јавно обвинителство со прашање дали е формиран предмет и во која фаза се постапките, но до објавувањето на овој текст не доби одговор.

Случај 1: Стојан Денковски – објект од околу 200 метри квадратни на државна улица

Во првиот случај, според пријавата, Ѓорѓиевски му овозможил на Стојан Денковски да гради деловен објект од околу 150 метри квадратни на државно земјиште, наменето за улица и пешачка патека, без никакво одобрение за градба. Ѓорѓиевски, иако бил должен да го спречи бесправното градење, не презел мерки, со што, според пријавителот, му овозможил на инвеститорот да се стекне со значителна имотна корист, а притоа ги оштетил буџетите на општината и на државата.

Според решение издадено на 4 мај 2023 година од овластениот градежен инспектор во Општина Кисела Вода, Стојан Денковски бесправно градел деловен објект на две парцели во Драчево, кои според важечкиот ДУП се означени како јавна површина за улица и пешачка патека.

Фото: Известување од градежниот инспектор за одлуката да се руши дивоградбата на Денковски

Инспекторот донел решение за уривање, но тоа не било извршено.

— Дури и кога на 28 април 2024 година делумно започнала акција, објектот бил делумно урнат, но не целосно — вели извор за „Слободен печат“.

Во 2024 година, општината донела нов „налог за извршување“, но истиот подоцна бил поништен од второстепената комисија по жалба на инвеститорот.

— Во жалбата, како аргумент наводно биле наведени погрешни парцели кои воопшто не се однесуваат на предметниот објект, што пријавителите го оценуваат како намерна манипулација — вели анонимниот извор за „Слободен печат“.

Фотографија од документ за одлуката на Второстепената комисија за дивоградбата на Денковски
Фотографија од документ за одлуката на Второстепената комисија за дивоградбата на Денковски

 

Фотографија од документ за одлуката на Второстепената комисија за дивоградбата на Денковски
Фотографија од документ за одлуката на Второстепената комисија за дивоградбата на Денковски
Фотографија од документ за одлуката на Второстепената комисија за дивоградбата на Денковски
Фотографија од документ за одлуката на Второстепената комисија за дивоградбата на Денковски

Денковски во меѓувреме ја завршил градбата, поставил фасада, застаклување и објектот го ставил во функција.

„Ова се лаги што се шират една недела пред изборите“

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за „Слободен печат“ вели дека таквите обвинувања се дел од нападите врз него една недела пред изборите.

Тој посочи дека објектот на Денковски е урнат пред три месеца, а притоа приложи видео од неговото уривање како доказ.

Фото: Принтскрин од видеото на кое се гледа рушење на бесправниот објект на Денковски

Од канцеларијата на Ѓорѓиевски дополнуваат дека е обврска на самиот Денковски да ги расчисти урнатините.

Случај 2: Новиот комплекс на „Скопски пазар“ – два објекта надвор од дозволата

Вториот случај се однесува на два објекта (објект 5 и објект 6) кои се дел од новиот пазарен комплекс во Драчево. Според документацијата, тие се изградени на приватно земјиште што е во сопственост на „Скопски пазар“, но надвор од дозволата за градба и важечкиот ДУП.

Во првичниот проект, на тоа место била предвидена сервисна улица за дотур на стока и пристап на интервентни возила.
Подоцна, проектот бил интерно изменет, а наместо улица – вцртани се објекти, и тоа без соодветна постапка.

— Во 2023 година, инспекторите извршиле увид и донеле решенија за уривање. Од нив, делумно е урнат дел од објектот број 5, отсечени се столбови, додека, пак, објектот број 6 е целосно функционален, со издадени деловни простории на кирија — вели соговорникот на „Слободен печат“.

И во овој случај, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам утврдил дека станува збор за градби надвор од ДУП-от, додава тој, но не е преземена никаква понатамошна акција.

Во исто време, Општина Кисела Вода отвора јавна анкета за измена на ДУП-от во Драчево, токму во зоната каде се наоѓаат спорните градби. Во дописот, што општината го испратила до државниот инспекторат во март 2025 година, се наведува дека „ќе се направи пренамена на парцелите и ќе се утврди фактичката состојба на терен“, што индиректно ја потврдува намерата со новиот урбанистички план да се вметнат постојните градби.

Ѓорѓиевски, пак, за „Слободен печат“ тврди дека тој не дозволил да се прифати прелогот да се смени ДУП-от и дека бесправно изградените објекти биле урнати, при што приложи видео како доказ.

Фото: Принтскрин од видео на кое се гледа уривање на бесправен објект на Скопски пазар

На фотографија направена од исечоци од видеото, се гледа момент од рушењето – машина што урива еден од бетонските столбови.

Сепак, фотографии сликани денеска покажуваат дека еден од спорните објекти, за кој Ѓорѓиевски посочи дека е урнат, е целосно функционален, со продавници кои работат и со гаража на првиот кат.

На фотографиите се гледа дека објектот е во употреба, со комерцијални натписи и посетители.

Фотографија од дел од спорниот објект во пазарот во Драчево
Фотографија од дел од спорниот објект во пазарот во Драчево

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот